Интервју со Џон О’Брајан: Македонската литература ќе се промовира во САД


Повеќегодишна едиција на македонската литература, издавање по пет книги годишно, проследено со проширена маркетинг-програма и престој на нашите писатели во САД и во Ирска. Ова го најавува Џон О’Брајан, основач на американската издавачка куќа „Далки архив прес“, кој ќе биде годинешен гостин на програмата „Скопје фелоушип“ во рамките на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Фестивалот ќе се одржи од 27 до 29 мај во Скопје.

Македонската јавност го запозна О’Брајан пред две години кога беше гостин на истиот фестивал. Тој открива дека има амбициозни планови за промоција на нашата литература на американскиот пазар. Неговите очекувања се дека оваа едиција ќе придонесе делата на писателите да бидат издадени и во други држави.

Какви се Вашите очекувања во врска со посетата на Македонија?

– Моите надежи или очекувања се дека ќе можеме да го финализираме договорот со кој „Далки архив прес“ ќе издаде 25 дела од македонски автори во период од пет години. Македонците имаат неколку писатели кои треба да бидат познати надвор од Македонија и се надевам дека овој проект ќе им помогне да станат повидливи и дека ќе помогне за популаризација на македонската литература во САД, но исто така и во Европа преку превод на книгите на англиски јазик.

Далки архив прес“ на 29 јуни ќе ја објави антологијата „Современа македонска фикција“. Како се роди идејата за таков проект?

– Мислам дека ваков вид антологија е одличен начин да се претстават поголем број писатели одеднаш и сега е до „Далки архив прес“ да се осигура дека антологијата добро ќе циркулира.

Најавивте дека „Далки архив прес“ има намера да издава по 5 книги годишно од писатели од Македонија и да ги покани нив на промоции. Можете ли подетално да ни објасните за овој план?

– Промоциите се особено значаен дел од овој проект. Ние планираме да направиме многу, многу работи за да развиеме читателство за овие писатели ако проектот оди во нагорна линија. Една од овие работи ќе ги донесе писателите во САД, како и во Ирска. Но, во третата година од проектот планираме да почнеме со курс по македонска литература. Понатаму, планираме да повикаме перспективен преведувач од Македонија да учествува во нашата програма за преведување. Тоа што по една личност секоја година ќе ја добива оваа обука ќе придонесе за развој на група преведувачи со кои ќе работиме со години понатаму.

Далки архив прес“ е една од неколкуте издавачки куќи во САД кои објавуваат преводи, а имаат импресивна дистрибуција на своите книги во САД и пошироко. Дали јавноста во САД ја препознава вредноста на преводната литература?

– И покрај големината и нивото на образование, во САД нема голема заинтересираност за писателите од други земји. Издавачот сам треба да се избори за медиумско внимание за писателите и книгите. Но, да бидам искрен со вас: мал број Американци читаат книги воопшто, не само преводи. Секогаш претставува тешка битка да се добие соодветно ниво на внимание.

Бевте гостин на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ пред две години. Кои се Вашите впечатоци за фестивалот и програмата „Скопје фелоушип“?- Една од големите работи во врска со проектот е тоа што сакаме да негуваме публика за оваа литература, а тоа значи да едуцираме. Една од извонредните работи за „Далки архив“ е тоа што објавува критицизам, како и оригинални книжевни дела. Сакаме да стигнеме до постојаните читатели и да им служиме добро. Мислам дека фестивалот е многу важен затоа што поканува голем број професионалци од издаваштвото и писатели. Многу од дискусиите се префрлаат зад кулисите и по завршувањето на фестивалот. И секогаш е корисно да си ги споредите белешките со други издавачи. Нашата улога е да ги урнеме многуте такви пречки што му стојат на патот на преводот.