Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ: Потребен ни е далеку подобар Закон за филм


На филмаџиите во Македонија им е неопходен нов Закон за филм, но во правец на подобрување на условите за производство и квалитет на филмови, вели режисерот и претседател на Друштвото на филмските работници (ДФРМ) во Македонија, Игор Иванов-Изи.
Иванов вели дека ДФРМ заедно со Агенцијата за филм и Министерството за култура веќе работат на таа проблематика.
– Веќе се работи на предлог-измени на постојниот Закон, како вовед во изготвување целосно нов, далеку подобар Закон за филм. Се разбира, во овој процес нема место за ограничување или, пак, оспорување на темите, идеите и авторскиот поглед на актуелната стварност – вели Иванов.
Во последниве неколку дена фокусот на јавноста е во оваа насока откако Министерството за култура реагираше на трејлерот на новиот филм „Ругање со Христос“ во режија на Јани Бојаџи. Во првото соопштение Министерството напиша дека се подготвува ново законско решение кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби.
„Ќе се бара отчет и ќе има контрола врз финансиското, и што е најважно, врз темите, идеите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови“, соопшти Министерството, но подоцна ретерираше дека нема да има ограничување на авторскиот израз, но нема да се дозволи говор на омраза и поттикнување меѓуетнички тензии преку филмовите.
Претседателот на ДФРМ, Иванов-Изи, смета дека нема ништо спорно во тоа институциите задолжени за финансирање филмски проекти да имаат увид во финалниот производ пред неговата експлоатација. Пред сè, како што вели тој, за да се утврди дали она што е опишано во креативната документација е исполнето и дали продукциската вредност на проектот ги оправдува средствата што се вложени.
– Но, исто така, ваквиот увид понекогаш може да утврди и отстапување од базичната идеја и приказна или исчекор, односно измени на сценариото во некој неочекуван правец, далеку од текстот за кој соодветните комисии се произнеле позитивно и проектот добил финансиска поддршка – вели Иванов.
Според него, во конкретниот случај, загрижува соопштението на Министерството за култура и најавите за контрола на идеите и темите на филмовите што ќе бидат поддржувани.

– Сакам да верувам дека станува збор за лошо интерпретиран став или, пак, дека соопштението е избрзано и емотивно мотивирано. Контрола на идеите и темите или, пак, на табу-темите во уметноста не постои. Такво нешто не може да биде дел од закон бидејќи се коси не само со нашите уставни одредби, но и со основните постулати на современиот свет во кој тежнееме да припаѓаме. Се разбира, ова не значи дека секој има право да прикажува што сака – вели тој.
Додава дека уметноста не може да биде параван за ширење омраза, подгревање меѓуетнички или меѓуконфесиски конфликти, злоупотреба на деца и слично, но сето ова е веќе опишано и опфатено во постојната легислатива.
Од ДФРМ немаат став во врска со преписките околу филмот на Јани Бојаџи.

Ивана Настеска