И боговите ги ставаат зад решетки


Магнатот на балканскиот фудбал, Здравко Мамиќ, кој вчера во Осиек беше осуден на шест години и шест месеци затвор, знаеше одлично да плива со сите ајкули и рипчиња во хрватските политички води. Ги надживеа Ивица Рачан, Иво Санадер, Јадранка Косор, Томислав Карамарко, Игор Милановиќ, Тихомир Орешковиќ, Стипе Месиќ… премиери и претседатели од редовите на хрватската десница и левица, ја финансираше кампањата на Колинда Грабар Китаровиќ, се фалеше дека е член на ХДЗ, чиј претседател Андреј Пленковиќ е предводник на владата. Ги навредуваше и малтретираше новинарите, им се закануваше на сите јавни личности што имаа да кажат нешто против него, му се плашеа и мртви и живи. Беше недопирлив. Од фудбалскиот клуб Динамо Загреб, со кој официјално раководеше петнаесетина години (без оглед на функциите), си направи своја приватна фирма без да вложи ниту еден денар од својот џеб. Благодарејќи на своите фантастични менаџерски способности, се сети дека клучот е во создавање на најдобра младинска школа во Европа, која секоја година произведува нови и нови талентирани фудбалери, кои потоа ги продаваше по баснословни цени на европскиот пазар. Само во последните десетина години заработи над 200 милиони евра почнувајќи од Модриќ, Ловрен, Ковачиќ, Брозовиќ, Врсаљко, Чорлука, Едуардо до Пјаца, Рог, сега Соса и Чориќ. Парите никогаш не завршуваа на сметката на Динамо, клуб кој и ден-денеска нема пристоен стадион. Целиот систем работеше за него. Се изигруваа закони, во клубот беа поставени негови луѓе што само дигаа рака, судии и обвинители му кажуваа секогаш кога ќе има акција, политичарите не сакаа да се мешаат. Раководеше со Хрватскиот фудбалски сојуз, менуваше претседатели, селектори, кажуваше кои играчи треба да играат за да им порасне цената.

Педесет и деветгодишниот бјеловарчанец се пресметуваше и со кругови на мафијата, беше ранет во нозете, го сожалуваа само оние на кои им даваше пари. А, не беа малку. Мамиќ знаеше дека стравот и наградите се најдобри пријатели за лојалноста. Малку по малку стана најмоќен човек на Балканот. Заборави дека колку помоќен, толку поранлив.

Пред четири години обвинителството почна да ги истражува неговите сомнителни бизниси. Отворени беа три предмети, сигурно ќе има и други. Судењето против него мораше да се префрли од Загреб во внатрешноста, мораше да се одбегнуваат луѓето што ги контролира по судовите. Тешко се наоѓаа сведоци против него, дури и Модриќ доби амнезија кога требаше да посведочи за трансферот во Тотенхем вреден 24 милиони евра. Но Мамиќ не можеше да види дека нему веќе политиката му пресуди. Не им требаше на моќниците, поврзаноста со него им создаваше само мачнина и им носеше негативни поени во јавноста.

Кога лани Динамо ја изгуби шампионската трка во Хрватска, првпат по десет години, јасно беше оти колата тргна надолу за него. Неговиот брат Зоран преку ноќ замина од Загреб и стана тренер во Саудиска Арабија. На семејството му снемуваше пари, милиони се трошеа по судови и на скапи адвокати. Здравко се обиде во понеделникот вечерта да исценира уште едно шоу. Покажа пораки, наводно, од Обвинителството и судот, како ја договараат пресудата. Веројатно знаеше дека ќе биде осуден, па затоа навреме побегна од Хрватска. Има државјанство на БиХ, се скри во Херцеговина и од таму фрла дрва и камења против тие што го осудиле. Вели дека ќе се врати кога ќе посака. Излажа дека ако биде осуден ќе голтне отров како генералот Слободан Праљак за да не оди „невин“ во затвор. Во Сараево му порачаа дека кога пресудата ќе стане правосилна, казната ќе мора да ја издржи во босанските затвори.

Требаше да поминат децении за правдата да стигне и да се собори една толку крупна ѕверка, вест што вчера силно одекна не само во регионот, туку и во Европа. Да, Хрватска го има примерот со Иво Санадер, кој сега е на слобода по пет години минати во затвор и со еден куп незавршени случаи. Но Хрватска, како членка на ЕУ, покажа (или ја принудија) амбиции да се справи и со „боговите“. Тоа е придобивката од другарувањето со поголемите од себе кога веќе сами не знаете да си ја завршите работата. Има и кај нас Мамиќи.

Горан Адамовски