Заминувањето на диктаторот кој сам се прислушуваше


Ѓорѓи Спасов, политички аналитичар

Деновиве, точно пред една година, на 11 декември, беа одржани парламентарните избори во Македонија. Денес треба да се потсетиме дека по сѐ што се случуваше, до последниот ден пред тие избори, никој не можеше со сигурност да каже каков ќе биде изборниот резултат. А по „ноќта на долгите ножеви“ пред ДИК и прегласувањето во Теарце, нашиот диктатор Груевски ја прогласи својата партија за победник. Во тој момент, веќе ништо не гарантираше дека режимот, кој ги имаше укинато сите претпоставки за мирна промена на власта, ќе замине во историјата.

Претседателот Иванов побрза да му го додели мандатот на Груевски за состав на нова влада, и тој доби 20 дена за обезбедување парламентарно мнозинство, во време кога одново ги имаше во свои раце сите полуги на власта. Откако во тоа не успеа, тој и Иванов влегоа во силна кампања против „Тиранската платформа“ на етничките партии на Албанците и го уценуваа лидерот на втората по големина партија во Собранието, Зоран Заев, не само да докажува дека има обезбедено парламентарно мнозинство за добивање мандат, туку да даде и писмени гаранции дека нема да ја спроведува „Тиранската платформа“. Сето тоа го правеа со надеж дека ќе спречат составување нова влада и дека ќе изнудат одржување нови парламентарни избори.

Откако и во тоа не успеаја, пристапија кон блокирање на работата на Собранието. Не дозволуваа да биде легално конституирано парламентарното мнозинство и да биде избран претседател на Собранието. А кога и во тоа не успеаја, по хушкачката националистичка кампања за време на која ги изведоа своите „платеници“ да протестираат пред Собранието на 27 април, се обидоа да ја спречат мирната промена на власта во земјата со обид за убиство и јавен линч на лидерите на новото парламентарно мнозинство во Собранието. Тој јавен линч на лидерите од опозицијата пред камерите на телевизиите, според сите индиции, требаше да му даде причина на Иванов за воведување вонредна состојба во земјата.

Конечно, на 31 мај, или шест месеци по одржаните избори, СДСМ и неговите коалициони партнери успеаја да состават влада. Би било големо поедноставување тврдењето дека македонскиот модел на уривање на диктатурата е само уште еден вид обоена револуција, какви што гледавме при уривањето на режимот на Милошевиќ во Србија, на Јанукович во Украина и во многу други земји.

Режимот на Груевски имаше израснато во еден вид софистицирана диктатура, во која масовно насилство не се применува ако не е неопходно. Снабдена со легитимитет добиен на избори, кои сѐ до 2014 година ги признаваше опозицијата, и со препораки за започнување преговори за членство во ЕУ, таквата диктатура ја имаше комоцијата систематски да ги укинува сите претпоставки за мирна промена на власта во земјата и Македонија да ја претвора во изборна автократија, односно во изборен систем без избор.

Но, за разлика од софистицираните диктатури во светот, во кои постои каква-таква поделба на власта и контрола на службите за безбедност, групата на власт околу Груевски во Македонија од 2008 до 2015 година успеала преку нелегално прислушување на телефонските разговори реално да обезбеди целосна контрола врз опозицијата, судството, слободата на говорот и животот на сите граѓани во земјата. Паранојата од можно губење на власта отишла дотаму што во мрежата за прислушување биле ставени и најблиските соработници на премиерот со кои тој водел разговори и за најделикатните и највалканите зделки на фамилијата на власт.

Во такви услови, реално, сѐ до појавата на аферата со нелегално прислушуваните разговори, во почетокот на 2015 година во Македонија речиси немаше надеж дека еден таков систем на владеење може да биде променет на избори.
Иако денес многумина од нас си придаваме значење и заслуга за промената на режимот, тоа немаше да се случи ако не се појавеа според мене три клучни претпоставки.

Прво. Тоа беше храброста на неколку луѓе вработени во УБК, кои решиле долгогодишната злоупотреба на тајните служби за масовно нелегално прислушување во Македонија да ја направат достапна до лидерот на опозицијата Зоран Заев, а преку него и до целата македонска и светска јавност. Тие херои (Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски ), кои со тој чин ја ризикуваа својата служба, слобода, па и живот, во услови на еден таков режим, успеале не само да обезбедат докази за масовното прислушување, туку и да ги снимат нелегално прислушуваните разговори низ кои власта самата го разобличува својот криминал, масовната корупција, злоупотребите и својот садистички карактер.

Второ. Храброста на тие луѓе и на нивните помагачи, како Верушевски и други, немаше да биде од голема помош, ако не беше и храброста на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој под закана од апсење за пуч, и за негово физичко ликвидирање, почна да ја обелоденува вистината за криминалите на режимот со одржување низа прес-конференции кои ги нарече проект: „Вистината за Македонија“. Од тие тематски, систематизирани прес-конференции, снимените разговори меѓу премиерот и неговите министри и соработници, експлодираа како „бомби“. Нудејќи ги тие „бомби“ како клучни докази за масовните злоупотреби на власта во време на избори, Заев не само што го поттикна револтот на масите против масовното кршење на човековите права и злоупотребите на власта, туку ја доби и меѓународната поддршка за одржување нови избори во значително порамноправни услови за опозицијата.

И на крајот храброста на Заев можеше да биде и недоволна за промена на изборното расположение во Македонија и за „уривање на режимот со пенкало“ ако меѓународната заедница, пред сѐ САД и ЕУ, не решија да ја употребат својата моќ, во принудувањето на диктаторот да се повлече од премиерското место пред одржувањето на новите избори и да дозволи, преку формирањето еден вид техничка влада, опозицијата да има малку поголема контрола во изборниот процес.

Македонија во овој процес, кој започна со непризнавањата на изборните резултати во 2014 година од страна на СДСМ, реално политички созреваше и се менуваше.

По објавувањето на „Вистината за Македонија“, во земјата почна да се создава еден нов политички субјект, како резултат на тоа што лидерот на СДСМ успеа партијата да ја стави во центарот на едно едно силно мултиетничко протестно движење, кое се раѓаше врз основа на три клучни идеи за „враќање на земјата во нормалноста“.

Првата од тие идеи или цели беше дека без правда не може да има мир во земјата. Слоганот на протестите „Нема правда – нема мир“ ги обединуваше сите граѓани кои на еден или друг начин ја имаа почувствувано неправдата од режимот на Груевски, или не беа во неговиот привилегиран клиентелистички круг. Граѓаните почнаа да се организираат преку социјалните мрежи, да излегуваат на улиците и да бараат правда и одржување фер избори, но и одговорност и казни за оние што со корупција и злоупотреби на власта ги краделе изборите и владееле.
Втората идеја, која го создаде тој нов политички субјект околу СДСМ, беше програмата „За живот во Македонија“.

Враќајќи ја партијата на нејзиниот граѓански концепт, Заев и новото политичко раководство го отфрлија дотогашното кокетирање со македонскиот национализам и почнаа со промовирање на граѓанскиот концепт за Македонија. Во раководството на СДСМ влегоа интелектуалци од албанската националност. А пред изборите на 11 декември 2016 година, СДСМ веќе има 13 илјади членови од албанска националност и веќе е прва партија која слободно може да се нарече мултиетничка. Испитувањата на јавното мислење покажуваа дека 80 отсто од Албанците имаа целосна доверба во Заев и дека 20 отсто од нив ќе гласаат за СДСМ на изборите.

Новиот СДСМ го отфрла и кокетирањето со финансиската олигархија и со приватизационите магнати и почнува да го враќа СДСМ на изворните принципи на социјалдемократијата за политичка, но и социјална еднаквост и рамноправност, за враќање на средната класа, за правда на обесправените, за повисоки плати и за пристоен живот во Македонија и за создавање услови, младите да не мора да ја напуштаат земјата поради сиромаштија. Говори и за прогресивен данок, за смалување на социјалните разлики и за спречување на корупцијата.

И третата идеја на тој нов политички субјект околу СДСМ беше дека се бараат промени за нештата што ги правеше режимот на Груевски, никогаш да не се повторат. Меѓу тие нешта беа и: политичката инструментализација на историјата која ги продлабочуваше конфликтите со соседите и нѐ оддалечуваше од членството во ЕУ и во НАТО и перманентното измислување на домашни и надворешни непријатели, со цел земјата да се држи во политичка поделеност и изолација.

Токму овој политички концепт на СДСМ му помогна да победи на изборите а подоцна и да формира влада. Но режимот на Груевски задржа многу други инструменти на моќта во свои раце и беше конечно поразен дури на локалните избори што се одржаа на 15 октомври. Тој пораз може конечно диктаторот, кој сам се прислушуваше, да го принуди да замине не само од лидерската позиција на неговата партија, туку и во политичката историја веќе пред крајот на оваа драматична 2017 година.

Транзицијата од диктатура кон демократија не е и нема да биде лесен процес за тесното парламентарно мнозинство на СДСМ. И за тоа треба да се има разбирање. Но СДСМ секогаш мора да има на ум дека масите во Македонија и медиумите, во овој тежок период кој траеше 11 години, се обучија да уриваат режим и не се подготвени да толерираат долго, од кого било, слични слабости и злоупотреби против кои се изборија.