Заврши гласањето во Чешка, утре први резултати од изборите
Во Чешка во 14 часот по локално време заврши гласањето за избор на една третина од членовите на Горниот дом на Парламентот, Сенатот и на органите на локалната самоуправа, кое почна вчера.
Според податоци на телевизијата ЧТ-24, гласале 40 проценти од избирачите, помалку од предходните избори во 2014 година, кога изборната активност била 44,46 проценти. Првите резултатите се очекуваат утре, а официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Околку 8,4 милиони Чеси со право на глас вчера од 14 до 20 часот и денеска од 8 до 14 часот избираа 27 од 81-член на Сенатот. Во трката за сенаторските места се вкупно 236 кандидати предложени од политички партии и движења.
Согласно чешкиот Устав, на секои две години се одржуваат избори за по една третина од членовите на Сенатот. Во исто време, се одржаа и локални избори на кои за места во органите за локалната власт се бореа околу 216.000 кандидати, што е за 17.000 помалку во однос на претходните избори. На локалните избори, покрај чешките државјани, право на глас имаа и граѓаните на земјите членки на ЕУ со постојано место на живеење во Чешка.