За недоверба на Владата гласаа 40 пратеници


Вкупно 40 пратеници гласаа вечерва за недоверба на Владата на СДСМ и на ДУИ. Интерпелацијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ очекувано не успеа, бидејќи за да падне Владата се потребни минимум 61 глас.

Затоа, пак, парламентарното мнозинство обезбеди 62 гласа за поддршка на Владата, додека двајца пратеници останаа воздржани.

Како што соопшти спикерот Талат Џафери, на прашањето за доверба во Владата се потпишани 42 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која, инаку, по изборите во 2016 година влезе во парламентот со 51 пратеник.

Ова е прв тест на доверба за кабинетот на Зоран Заев, десет месеци по смената на власта на „Илинденска“. Во наредните 90 дена, како што е предвидено со Уставот, не може да се покренува ново прашање за доверба во Владата.