За медал на Македонија на ракометното ЕП: Елснер вети бесплатен интернет, Мукаетов предложи смартфони


„Го поддржавме Вардар, му донесовме среќа, па екипата стана европски шампион. Се надевам дека овојпат ќе бидеме среќни и за вас. Во случај да бидете меѓу трите најдобрите, тогаш секој постпејд претплатник ќе добие по 10 гигабајти бесплатен интернет“, рече Андреас Елснер, главен извршен директор на „Македонски Телеком“, при промоција на новото партнерство меѓу компанијата и Ракометната федерација на Македонија (РФМ) насловено како „Најдобрите со најдобрите“, а пред настапите на репрезентацијата на Македонија на Европското ракометно првенство во Хрватска.

На шеговитиот предлог на Елснер се надоврза и претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, кој возврати со контрапредлог за дарување на секој репрезентативец со примерок од најновата генерација на смартфони во случај на пласман на подиум на „црвено-жолтите“ на завршниот турнир.

На промоцијата на соработката меѓу Македонски Телеком и РФМ беа присутни и македонските репрезентативци за кои не е потребна поголема мотивација од самото учество на континентален турнир, па уште и против бранител на титула во групната фаза. Во нивно име, во официјалниот дел, зборуваше Кире Лазаров. Капитенот посака мноштво на убави моменти, моменти за паметење и причини за радост и еуфорија меѓу навивачите во Загреб (според најавите ќе ги има околу 2.000), но и меѓу симпатизерите на „црвено-жолтите“ кои ќе пулсираат со ракометарите преку малите екрани.

„Пред нас е ново Европско првенство што сите со нетрпение го очекуваме. Желни сме за предизвиците во Хрватска и подготвени за борба против било која репрезентација, па нека биде тоа и една Германија. Најважно е да одиме натпревар по натпревар и да нè служи здравје. Се надевам дека ќе биде обединувачки фактор, дека ќе бидеме позитивни и ќе дадеме максимум за добри резултати“, истакна Лазаров.

Македонската ракометна репрезентација ќе тргне на пат кон Загреб во четврток, Европското првенство почнува во петок, а „црвено-жолтите“ во првиот настап во групата Ц на турнирот ќе играат против Словенија (сабота, 19.30 ч.).