ЕУ предупредува против потенцијален бојкот на изборите


Учеството во изборните процеси ќе биде од суштинска важност за проценката за старт на преговори во јуни, европските челници ги повикаа и власта и опозицијата на одговорност во пресрет на претседателските избори, што ќе мораат да бидат кристално чисти, јави дописничката на МИА од Брисел по петнаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација (ССА) со кој претседаваше премиерот Зоран Заев денеска во Брисел.

-Целта на Европската комисија е Северна Македонија да добие зелено светло од земјите членки на ЕУ во јуни за старт на преговори, но за тоа ќе биде важно земјата да го задржи реформското темпо, истакна еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на прес конференцијата по завршување советот.

-Морам уште еднаш да им се обратам на сите во земјата, ова може да се случи само ако е меѓупартиска, национална цел и ова го вклучува учеството во изборите, било кои избори, изборите идниот месец, учество на сите страни, секоја страна треба да покаже демократска зрелост, има многу прилики за политички битки и преговори, но кога станува збор за оваа национална цел, мислам дека постои обврска, одговорност за сите страни да придонесат за тоа, а не да го стават ова во опасност во последен момент, изјави Хан.

Од ЕК не коментираат дали станува збор за предупредување до опозицијата за можен бојкот на вториот круг на претседателските избори, но и од Хан и од Могерини беше ставено јасно на знаење дека ЕУ од блиску ќе го набљудува изборниот процес во април и во мај. Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, исто така побара целосно учество во процесите на демократските институции на земјата.

-Нашите земји членки сигурно ќе го разгледуваат ова како знак на стабилност и нормалност на демократијата, целосно се согласувам со тоа што го кажа комесарот Хан и ги повикувам сите да ги искористат демократските средства што им се на располагање во земјата, рече Могерини.

Иако постои голема желба од европска страна за почеток на преговорите, земјата сѐ уште треба да ги исполни во целост сите услови поставени минатата година: борба против корупцијата, правосудството, разузнавачките служби и реформата на јавната администрација. Сите овие пораки уште еднаш му биле пренесени на македонскиот премиер на денешниот состанок, вклучително и потребата да се одговори на “перцепцијата на јавноста“ во однос на наводите за непотизам во јавната администрација. Секако, ЕУ ќе инсистира на имплементација на реформите, што се смета за слаба точка во земјите во регионот.

Франција, пак, за сега е сѐ уште многу тврда во однос на отворањето преговори, иако високата претставничка одбива да покажува со прст кон индивидуални земји членки.

-Никогаш не споменувам една земја, тоа е одлука што ја носи Советот, рече Могерини.

Јасно е, меѓутоа, дека оваа година, доколку нема поголеми пропусти во реформите и за време на изборите, дека ќе биде многу потешко за една или неколку земји членки да ја блокираат одлуката за старт на преговори. Дипломатски извори во Брисел за МИА потенцираат и дека Холандија би можела да го омекне својот став, со што Франција би била поизолирана од лани. Белгија, која минатата година беше солидарна со Париз, исто така покажува знаци на омекнување и смета дека спроведувањето на Преспанскиот договор треба да биде награден, како што укажа шефот на белгиската дипломатија вчера . За разлика од минатата година, важно е и дека Преспанскиот договор е сега ратификуван и се спроведува.

Франција стравува пред сѐ за реакциите во домашната јавност, иако, како што потсетуваат дипломатски извори , повеќето француски граѓани веќе заборавија дека Црна Гора и Србија се во процес на преговори со ЕУ. Останува дека самата одлука во Советот не ЕУ ќе и даде аргументи на екстремната десница.

Могерини и Хан не одговорија ни дали е извесно дека одлуката за преговори ќе се носи во јуни. Иако мнозинство земји членки и Европската комисија притискаат да биде во јуни, не е исклучено одлагање до септември, посебно доколку германскиот Парламент нема време да ја одобри одлуката.