Ердоган во посета на Ватикан, прва на турски претседател по 60 години


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Ватикан ќе има средба со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Ова е прва посета на турски претседател на Ватикан по речиси 60 години. Последна посета оствари турскиот претседател Џељал Бајар, кој во Ватикан се сретна со папата Јован Дваесет и трети во април 1960 година, кога Турција воспостави дипломатски односи со Ватикан, а во 1962 година ја отвори и својата амбасада во Светата столица.

Турција оттогаш ја посетија неколку поглавари на Римокатоличката црква – во 1967 година во земјата допатува папата Павле Шести, во 1979 година папата Јован Павле Втори, во 2006 година папата Бенедикт Шеснаесетти, а во 2014 година – папата Франциско.

Ердоган синоќа допатува во Италија, во 24-часовна посета.

По официјалната посета на Ватикан, Ердоган во Рим ќе има и работен ручек со италијанскиот колега Серџо Матарела, а потоа и средба со шефот на италијанската Влада, Паоло Џентилони.

За време на посетата на Ердоган, во центарот на Рим има засилени безбедносни мерки, ангажирани се околу 3.500 полицајци, а забрането е одржување протести.

Канцеларијата за односи со јавност на турскиот претседател соопшти дека главни теми на средбата на Ердоган со папата ќе бидат билатералните односи меѓу Турција и Ватикан, како и регионалната криза, статусот на Ерусалим, состојбата во Сирија, проблемите со ксенофобијата и исламофобијата во светот и борбата против тероризмот.

Во соопштението се наведува дека турскиот претседател ќе се сретне и со ватиканскиот државен секретар, кардиналот Пјетро Паролин.