Една година по смртта на кралицата на ромската песна: Се ограбува наследството на Есма и Стево Теодосиевски?
Една година по смртта на кралицата на ромската песна се ограбува наследството на Есма Реџепова-Теодосиевска и нејзиниот сопруг Стево од домот на Скопското кале, тврди Зорана Костовска, претседателката на хуманитарното здружение „Есма и Стево Теодосиевски“ и управител на целиот имот, според тестаментот на Есма.
„Имаме сознанија дека мебелот и други вредни работи од Домот на хуманоста и уметноста „Стево и Есма Теодосиевски“, на Скопското кале, кој за жал не е пломбиран, се изнесуваат и се продаваат, а на имотот околу куќата и во контејнери наоѓаме расфрлени благодарници и награди што во текот на животот ги добиле Есма, здружението и нашите помагатели, ни изјави Костовска.
Музејот, во чиј резиденцијален дел живееше Есма, има 750 квадратни метри, а дворно место околу 1.300 квадратни метри. Во него се изложени предметите што со сопругот Стево Теодосиевски ги добивала откако се вратила во Скопје и тие што се донесени од животот и кариерата во Белград.
Нашата екипа ја посети куќата која се наоѓа на улицата „Самоилова“, близу Музејот на современа уметност. Вратите беа заклучени, забележавме само еден скршен надворешен прозорец и расфрлени благодарници околу куќата.
Есма почина во Скопје во декември во 2016 година по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Во тестаментот навела дека куќата ѝ ја подарува на РМ, односно на Министерството за култура, под услов куќата да прерасне во музеј, дом на хуманоста и музиката на Есма и на Стево Теодосиевски, и овој имот да служи единствено за продолжување и почитување на делото на сопружниците. Во тестаментот се бара идниот наследник да го уреди целиот имот со повеќе спомен-соби, да изгради амфитеатар – летна сцена, и за управител на целиот имот да се прифати хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“.
Оставинската постапка е во тек, а задолжен за неа е нотарот Џевад Бучи од Скопје.
„За жал, досега не е одржано ниту едно рочиште за наследството на Есма поради разни околности“, ни изјавија од канцеларијата на Бучи.
Од Министерството за култура нѐ известија дека во моментот постои законска пречка за прифаќање на ваквиот условен тестамент, од причини што ќе предизвика фискални, стручни и други импликации. Ќе треба да се исполнат и посебни услови за куќата да може да се прогласи за музеј, предвидени со Законот за музеите и Законот за заштита на културното наследство.
„За исполнување на овие услови, Министерството за култура иницираше постапка до надлежни институции и установи да направат евалуација и валоризација на домот на Есма, како и на недвижниот имот и на аудиовизуелниот опус и фонотеката. По завршување на постапката за валоризација и категоризација од страна на стручњаците, Министерството за култура ќе може дополнително да информира за законските можности за прифаќање на условот од тестаментот“, велат од ресорното министерство.
Есма ќе ја паметиме како естраден уметник за кој пишуваа и светски престижни весници како „Ле Монд“ и „Њујорк тајмс“, како хуманист и чувар на ромската и на македонската песна, активист, пријател и жена. Во 2013 година ја доби и титулата национален уметник на Република Македонија. Во текот на 55-годишната кариера одржа над 12 илјади концерти ширум светот, сними 15 албуми и посвои 48 деца. Има објавено две монографии за Есма. Во 2013 година со Лозано нѐ претставуваше на песна на Евровизија во Малме, Шведска, со песната „Пред да се раздени“.
Лејла Сабит Фото: Б. Грданоски