Додик: Хојт Ји е руина од поранешната американска администрација


„Американскиот функционер Брајан Хојт Ји е руина од поранешната американска администрација, кој води антисрпска политика“, изјави денеска претседателот на Република Српска, Милорад Додик. „Таа политика беше софистицирана и прикриена, но верувам дека неговото време измина“, рече Додик за заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Ји. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека за РС е прифатлив само Дејтонскиот договор и Уставот на БиХ, односно Анекс 4 од Дејтонскиот мировен договор. „Денес да се заговара „Дејтон 2“ и некој да ја одземе власта на РС е целосно промашена приказна. Тоа не можеше да се случи пред 10 години, а не пак сега“, истакна Додик во интервју за српскиот весник „Ало“.

Пред неколку дена, американскиот конгресмен Мајкл Тарнер во писмо до државниот секретар на САД Рекс Тилерсон побара засилен американски ангажман во БиХ, па дури и „Дејтон 2“. Од Амбасадата на САД во Сараево соопштија дека членови на Конгресот честопати изнесуваат ставови кои нужно не ја изразуваат актуелната политика на САД и оти Вашингтон го поддржува Дејтонскиот договор, суверена и независна БиХ, составена од два ентитета и која на граѓаните им ги гарантира човековите права. На прашањето дали РС ќе ја следи Србија во неутралноста, Додик истакна дека Бања Лука го поддржува Белград во сите планови и верува во нив. – Таа е матична земја на нашиот народ и каде и да се наоѓаат Срби, тие гледаат во Србија. Тоа е земја која Западот ја бомбардираше и сатанизираше, и сега економски се опоравува под раководство на Александар Вучиќ и на вистински начин ги афирмира своите национални и државни интереси, оцени Додик.