Доделена Нобеловата награда за мир


На свечена церемонија во седиштето на градската управа на Осло денеска на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје и беше врачена Нобеловата награда за мир за 2017 година. Примајќи ја наградата, претседателката на Кампањата, Беатрис Фин апелираше за поддршка на Договорор за забрана на нуклеарното оружје, кој за да стапи во сила треба да го ратификуваат најмалку 50 земји потписнички. Досега Договорот е ратификуван само од четири држави.

– Договорот претставува избор – избор меѓу два краја: крај на нуклеарното оружје или крај за нас. САД – изберете ја слободата наместо стравот, Русија – избери го разоружувањето наместо разурнувањето, Велика Британија – избери го владеењето на правото наместо угнетувањето, порача Фин. Таа посочи дека е неразумно да му се дозволи на нуклеарното оружје „да управува со светот“.

На церемонијата на доделување на наградата не присуствуваа амасадорите во Норвешка на земјите кои поседуваат нуклеарно оружје – Велика Британија, Индија, Кина, Пакистан, Русија, САД и Франција. Нобеловиот комитет реши да и ја додели овогодишната Нобелова награда за мир на Кампањата поради нејзината „активна улога во борбата против ширењето на нуклеарното оружје и за намалување на ризикот од нуклеарна војна“. Покрај плакета и медал, Нобеловата награда за мир вклучува и чек на износ од девет милиони шведски круни (1,1 милиони долари).