Димитров-Рејндерс: Европскиот успех на Балканот не е можен без Македонија


Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на маргините на конференција на која учествува во Брисел, оствари средба со својот белгиски колега, Дидие Рејндерс. Разговорот, кој траеше околу половина час, беше втора средба помеѓу Димитров и Рејндерс, по средбата во Софија.

Димитров го информирал белгискиот колега за текот на реформите во Македонија, како и за македонската позиција во спорот за името.

По средбата Рејндерс за МИА изјави дека е задоволен што ја слушнал анализата на Скопје за напредокот на дискусиите за името,

– Задоволен бев што ја слушнав анализата на Скопје за напредокот на дискусиите за името, ќе направиме се за да отидеме што е можно подалеку. Она што е интересно сега е што дискусијата се води на политичко ниво, што е прв пат, и е охрабрувачки, но знам дека е дискусија која е посебно чувствителна Се обидуваме да ги убедиме двете страни, бидејќи знам дека не е лесно за ниедна од двете страни, и се обидуваме редовно да зборуваме за тоа со грчките колеги, како и со македонските колеги, додаде Рејндерс за МИА.

Белгија, која е меѓу порезервираните земји кога станува збор за проширувањето на ЕУ кон нови земји членки, инсистира земјите кандидати да бидат оценувани според сопствени реформски заслуги.

– Она што сакаме да го видиме напредок во реформите, и еднаш кога ќе видиме дека реформите се направени, да можеме да почнеме да отвораме преговарачки поглавја, па потоа доаѓа зачленувањето. Но, секогаш сум скептик кон одредувањето датум за зачленување, многу е опасно, бидејќи ако не успееме да го организираме процесот за одредениотдатум, тоа изгледа како пораз за сите, кога всушност тоа е еволутивен процес, изјави Дидие Рејндерс по состанокот со Димитров.

Како и со другите европски колеги, министер Димитров ја изложил македонската страна на спорот и го информирал Белгиецот за текот на преговорите со Грција, како и за текот на реформите во Македонија.

– Имаме создадена вистинска волја да направиме европска Македонија, не во смисла на зачленување, туку во смисла на европски принципи и институции во Македонија и дека ќе биде стратешко слепило од страна на Европа ако оваа шанса не се искористи, било суштината на пораката која Димитров, како што рече, му ја пренел на Рејндерс.

Мислам, додаде шефот на македонската дипломатија, дека инициравме процес на растење на Балканот, којшто има премногу историја а премалку сегашност и иднина, и уште се натпреварува во историски победи и порази, а не во тоа што денеска треба, какво здравство, какво образование, какво судство, медиуми, изјави Димитров.

Во контекст на тоа додаде дека очекува Европа да ја препознае оваа шанса и да ја искористи бидејќи, како што рече, „нашето назадување беше во контекст на чекање во чекалната и затворени врати и отворањето на тие врати е наша одговорност, но и нивна, заедничка одговорност.“

Додека Димитров имаше средба со белгискиот колега, грчкиот премиер, Алексис Ципрас во Брисел, оствари неколку средби на самитот на Европската унија, што се одржува во текот на денешниот ден во Брисел.

Ципрас имал заедничка средба со германската канцеларка Ангела Меркел, бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја моментално претседава со ЕУ, и со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. На средбата станало збор за спорот за името.

Ципрас, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се сретнал и со високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини.

Запрашан дали има порака за неговите европски колеги кои денеска се состануваат на европскиот самит, Димитров одговори дека Македонија може да направи многу за рационално и достоинствено решение, ама не може да прифати недостоинствено решение.

– Бидејќи е влогот голем не само за нас, туку и за очекуваниот европски успех на Балканот кој мислам дека не е можен без успех на Македонија. Големиот влог бара и голем ангажман. Се надевам дека овие средби се во насока на зголемен ангажман, додаде Димитров.

На крајот на самиот на ЕУ вечерва се очекува грчкиот премиер Ципрас да одржи прес-конференција за грчките новинари во Брисел