Десницата фатена на препад


Десницата фатена на препад – е првата генерална оценка по обзнанувањето на можниот усогласен предлог за името на нашата земја: „Република Илинденска Македонија“. Жонглирајќи меѓу „Горна“ и „Северна“, јазикот, идентитетот и нивната транскрипција, преку ноќ на „виделина“ излезе „Илинденска“ и ги фати неподготвени оние што се подготвени за компромис, додека кај тврдокорните ставот е ист веќе 27 години: нема преговори за името наследено од нашите предци.

Во ВМРО-ДПМНЕ, како предводници на опозицијата, официјално не сакаат да коментираат ништо додека премиерот Зоран Заев не ги повика на состанок и не им соопшти до каде е работата во преговорите.

Сѐ дотогаш, коментарите би биле несериозни“, ни рекоа од партијата во пресрет на средбата со Заев закажана за денеска во 13 часот.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вели дека веќе цела недела бараат одговори од премиерот Зоран Заев дали нешто и што е договорено.

Во речникот на Заев повеќе никаде не можеме да го слушнеме предизборниот став за непромена на Уставот и референдум за решение за името кое би било прифатливо, и за кое би требало да се произнесат граѓаните на Македонија. Очигледно се купува време и се наметнува впечатокот дека се работи за решение кое би било договорено и подоцна целокупната јавност и граѓани би биле ставени пред свршен чин. Зоран Заев нема никаков монопол, никакво суверено право над ова прашање, особено не да одлучува во името на сите граѓани и на сите политички субјекти за најважното прашање за сите Македонци. Тој не смее да ја узурпира добиената позиција и да наметнува решенија за кои јавноста не е информирана“, дециден е Јанушев.

Сепак, неофицијално, меѓу поддржувачите на новото раководство постои одредено задоволство од новиот предлог во кој се споменува славното минато на илинденците, особено што жешкиот компир околу името би го решиле социјалдемократите, со што би го навлекле гневот кај дел од граѓаните и би ја презеле контроверзната улога во историјата, а не тие. Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ би застанал на линијата на патриотски декларираните граѓани, но нема да организира протести против промена на името, ниту, пак, такво нешто ќе се споменува на закажаниот митинг на 2 јуни пред Владата во Скопје.

Дека десницата е фатена на препад, говори и изјавата на еден од предводниците на демократската фракција во ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, кој вели дека „ако се земе предвид дека Илинденското востание во 1903 година е распространето на територијата на цела Македонија, тогаш предлогот може да биде добар“.

На овој начин би се исправиле неправдата и лажната историја дека ова востание било само во Крушево. На територијата на Егејска Македонија тоа траело со месеци, а не само десетина дена како што сега се учи од учебниците. Па, сепак небулоза е верски празник да се стави во име на држава. Како и да е, ова е земја на апсурди и ништо веќе не ме чуди“, вели Петровски за „Независен“.

Од друга страна, тврдокорното крило во партијата и во македонското национално ткиво е апсолутно против преговори и епилог поинаков од „Република Македонија“. Тие му префрлаат на претседателот Христијан Мицкоски што има „либерален“ пристап кон ова прашање и бараат јасно и гласно да каже „не“ против каква било промена на името.

Наместо да викне протести и да ги повика граѓаните да излезат на улица, тој седи на вечера со предавникот Заев. Оди на приеми на британската премиерка, американскиот амбасадор, европскиот дипломат задолжен за Македонија, што потврдува дека и тој е назначен од круговите во Вашингтон и во Брисел само да ја одигра улогата на ‘бунтовник’, а тоа да го прави на суптилен начин. Јасно е дека новото раководство дало амин за прекрстување на Македонија“, велат долгогодишни членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Обединетата македонска дијаспора се изјасни дека никој нема право да преговара за името, идентитетот и Уставот на Републиката, за кои на 8 Септември 1991 година, со убедливо мнозинство од 95 отсто, народот одлучил за тоа како ќе се именува, уредува и идентификува државата. Според ОМД, промената на името, на уставот и на идентитетот на Македонија се казниви дела. 

ОМД апелира да се задржи достоинството на Македонија преку прекин на преговорите и посветено работење на нејзините демократски капацитети, економија и конкурентност. Наместо промена на името на државата, ОМД верува дека на Македонија ѝ е потребно структурално рестартирање, со цел да се постават здрави основи за соодветно работење на административниот, правниот, корпоративниот, финансискиот и граѓанскиот сектор“, соопшти Обединетата македонска дијаспора. Сепак, оваа реакција дојде пред во јавноста да излезе новиот предлог кој официјално сепак се уште никој не го потврдува иако неформално се прави тоа.

Горан Адамовски