Дали минатото ќе ни биде иднина


Ерол Ризаов

Не можам да најдам пократка, подобра, поконцизна порака за нашата реална ситуација од онаа на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер упатена до Германците пред два месеца: „Иднината не е судбина.“ Можеби како продолжение на оваа мисла за нашата неизвесност и стравувања што ќе ни се случува во блиска иднина најмногу би одговарале познатите пароли на комунистите во повиците на антифашистичката борба пред Втората светска војна: „Да си ја земеме судбината во свои раце“, или онаа „Сами си ја кроиме иднината“, но тие повеќе ми звучат како празни и одамна потрошени пропагандни пароли, отколку како позитивни и мобилизаторски пораки.

Претседателот Штајнмајер им соопшти на своите сограѓани дека нема причини да се чувствуваат беспомошни, уплашени и да не бидат сомничави и покрај ризиците со кои се соочени. Германија ќе ја совлада политичката криза и ќе продолжи по својот пат и натаму како една од најпросперитетните држави во светот, им кажа претседателот на граѓаните, а набргу тоа и се оствари. Болниот компромис повторно ја донесе Ангела Меркел на позицијата канцелар со четврти по ред мандат на најмоќна жена во светот. Некој ќе рече лесно му е на германски претседател тоа да го каже и да се спроведе со германски народ. Има ли денес некој на кој му се верува кај нас да им каже на граѓаните дека не треба да се плашат и да се сомневаат во европскиот пат на Македонија кон прогресот и подобра иднина? И, ако тоа им се каже по милионити пат, ќе има ли кој да верува и понатаму дека ќе го направиме тоа што не успеавме да го постигнеме цели 27 години, и покрај големата финансиска и друга поддршка, покрај големите задолжувања и скромен живот, на работ на сиромаштија, на повеќе од две третини на граѓаните на Македонија? Дали поверодостојно звучи дека минатото полно со страдања, делби, несреќи и беда ќе ни биде и натаму иднина, или се уште големо мнозинство граѓани верува дека Европа е нашата иднина која ќе се оствари?

Последните вести не навестуваат дека со болен, но поднослив компромис, може да се крене барикадата за влез во НАТО ова лето и со членство во ЕУ до 2025 година, заедно со повеќе земји од западен Балкан, што би била најоптимистичка, но и најневеројатна варијанта, иако до вчера беше многу надежна. Во 20 – те страници на Никос Коѕиас, министерот за надворешни работи на Грција, кои ги чекаме повеќе како катил ферман, отколку како прифатливо решение за двете држави, по се изгледа има нешто покрупно од крастава жаба што не може да се голтне. Ако имаше добра вест ќе стасаше досега. Коѕиас најави дека до средината на февруари ќе биде во Скопје, ама еве веќе проаѓа и средината на март, а човеков со византискиот томос ќе пристигне ако не оваа среда другиот петок. Велат ќе се слика со колегата Никола Димитров, ќе му ги остави жешките костени и ќе си замине. Димитров веднаш ќе му ги даде костените на премиерот Заев… Во Атина ќе почекаат на паузите од расправите за законот за употреба на јазиците сами да се прогласиме за виновни што нема компромис, убедени дека тоа што го нудат како (не)прифатливо решение не може ни по десет години расправа во Собранието на Македонија да се прифати, а најверојатно работата нема ни да стаса до парламентот. Тешко дека некој при себе би понудил такво нешто, освен ако не е завиткано во проштално писмо и збогување со политиката.

И сега каде е тука решението? Има ли воопшто решение? Да, тоа е во реченицата „Иднината не е судбина“. Треба да се гради и да се изгради иднина каква што сакаме. Значи, нема план Б, В,Г, Д… Таков не постои. Има само еден план А, европеизација на Македонија и членство во НАТО и во ЕУ. Ама изгледа и тој има само заглавие, а нема содржина. Ниту е напишана содржината, ниту е спроведувана чекор по чекор напред.

Извештајот на Прибе треба да биде нашиот план А чие исполнување е поголемо и позначајно од членството во ЕУ и во НАТО и чие исполнување овозможува да се остварат сите поглавја што обично им ги нуди Брисел на земјите кандидати за членство во ЕУ. За запазување на територијалниот интегритет на Македонија најважни се европските вредности, демократијата и владеењето на правото, сите три суштински стандарди за постигнување на нашите стратегиски цели и на општествен и на економски план. На ваков начин да ја одредиме иднината е многу побавно и потешко отколку да имаме поддршка од соседот и од ЕУ за прифатлив компромис. Но само така Грција и Брисел еден ден ќе мора да ја видат реалноста дека Македонија и нејзините граѓани можат да ги остварат своите цели. Ако ја видат цврстината на определбата сами да ја одредиме својата иднина, ќе го скратат патот со прифатлив компромис, кој и сега го нуди Македонија и кој ќе ги нагласи разликите меѓу државата и географската област Македонија.