Грчки медиуми: Заев стави вето за промена на Уставот и за име без превод
Во коментарите на вчерашното интервју на македонскиот премиер Зоран Заев за „Еуроњуз“ грчките медиуми ја користат изјавата на Ангела Меркел од заедничката прес конференција во Берлин токму со него за тоа дека „јавните изјави може повеќе да му наштетат на процесот“.
„Грчки дипломатски извори се прашуват која е намерата на јавните споменувања од скопската страна на прашањата за кои се преговара, потсетувајќи на неодамнешната изјава на германската канцеларка Меркел дека тоа е дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-конференции, туку зад затворени врати. Верувам дека јавните изјави повеќе може да му наштетат, отколку да му користат на процесот“, објавува „Еуроњуз“ во текст, што го споделува заедно со вчерашното интервју на премиерот Заев.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчките медиуми, пак, ги пренесуваат двете вчерашни интервјуа на македонскиот премиер за „Шпигел“ и за „Еуроњуз“, ставајќи го акцентот на пораките дека не е потребна промена на Уставот и дека не се согласува името да биде без превод.
-За информациите дека грчката спогодба предлага имиња со едно име на словенски, без превод, Зоран Заев стави вето, коментира грчката телевизија Антена.
– Можеби премиерот на ПЈРМ при секое негово јавно излагање ја повторува неговата волја за решение, но изгледа како да не е подготвен да отстапи од големите и трнливи прашања. Иако уште од почеток се знаеше дека не е во позиција да направи ревизија на Уставот, поради недостиг на потребното мнозинство во собранието, Атина испрати порака дека не постои договор без ревизија, пишува онлајн изданието на „Прото тема“.