Грција стравува од нова бегалска криза на островите


И покрај најновите закани од страна на Турција дека ќе прекине да го спроведува договорот со ЕУ за мигрантите, со цел да се намали трговијата со луѓе преку Егејското Море, грчките власти стравуваат од нова бегалска криза на островите.

Министерот за миграција Јанис Музалас е загрижен поради моменталната ситуација, имајќи предвид дека во периодов е зголемен приливот на мигранти за разлика од летото, и достигнува во просек 100 до 150 лица дневно.

– Ако дневниот прилив продолжи со ова темпо, од март натаму ќе мора да градиме нов бегалски камп секој месец, за да можеме да ги згрижиме сите новопристигнати мигранти и бегалци, изјавил претставник на Министерството за миграција за весникот „Катимерини“.

Според истиот извор, напорите за намалување на пренаселеноста во камповите на островите и за подобрување на условите за живот напредуваат, но „има уште многу што мора да се направи“.

Во неодамнешна изјава за телевизијата Скај, Музалас истакна три клучни чекори: преместување на мигрантите од островите во кампови на копно, забрзување на бавниот процес за добивање азил и враќање на мигранти во Турција.