Грците не ја даваат „Македонија“
Околу 60.000 Грци се собраа вчера во Солун на протестот платен и организиран од дијаспората и од десничарските организации во земјата, а со цел да се побара од владата во Атина да не прифаќа име што ќе го вклучи зборот Македонија во преговорите со нашата земја. На протестот дојдоа повеќе луѓе од очекувањата, но сепак помалку од тој што се одржа во 1992 година за истиот повод и на кој присуствуваа околу милион Грци, што е најдобар показател колку спорот за името изгуби од тежина и во соседната земја. Протестот беше исполнет со грчки знамиња и знамиња со сонцето од Вергина, а се извикуваа слоганите „Македонија е грчка“, се носеа плакати со пораки „Македонија била, е и ќе биде грчка“, „Тргнете ги рацете од Македонија“, „Името е нашата душа“ и слично. Протестот според оценките беше и мошне фолклорен, поточно имаше учесници кои според тоа како беа облечени и што симболизираа наликуваа на „тврдокорните“ во Македонија.
Пораката дека Македонија е грчка беше во фокусот на сите оние што им се обратија на присутните. Дел од организаторите рекоа дека оној што ќе го даде името Македонија ќе биде национален предавник. Иако грчката црква не го поддржа формално протестот, на него беа митрополити од северна Грција, а свое обраќање имаше и солунскиот митрополит Антимос.
Речиси во исто време со протестот имаше контрапротест на левичарски и анархистички организации, но одѕивот таму беше многу мал. Пораките што тие ги упатуваа преку нивните плакати беа дека се против секаков национализам, дека нивна татковина е целата земја и дека нема да пролеат ни капка крв за имиња и меѓудржавни конфликти. Според локалните медиуми, се случил и мал инцидент меѓу групите кога анархисти со шишиња и камења нападнале група демонстранти кои со грчки знамиња се упатувале кон протестот. За учесниците на големиот протест беа обезбедени 500 автобуси, кои инаку доаѓаа организирано од сите краеви на Грција. Од политичките партии што се дел од грчкиот парламент, Сојуз на централисти и Златна зора, официјално соопштија дека ќе учествуваат на протестот.
Пред да почне протестот, весникот „Етнос“ го објави целото интервју на премиерот Алексис Ципрас, кое поради вадењето од контекст на неговата изјава за македонската нација предизвика реакции во Македонија, па и ги стави во опасност преговорите за спорот за името. Во интервјуто Ципрас порача дека Атина бара едно име кое ќе важи и за внатрешна, билатерална и за употреба во ОН, нагласувајќи дека ако има можност да се реши спорот ќе биде национална глупост да не се искористи тоа. Според него, по политичката промена кај нас гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но останува тоа да го покаже во практика.
Во однос на денешните демонстрации во Солун, грчкиот премиер одговори дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, нагласувајќи дека и тој е половина Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.
– Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме да ги нарекуваат БЈРМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме – објаснува грчкиот премиер.
Алексис Ципрас во интервјуто за „Етнос“ вели дека спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно, и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина главната тема е иредентизмот.
– Ако сакаме да најдеме одржливо решение, треба да бараме име, но и една поширока рамка за договор што нема да остава простор за иредентизам и историски неточни барања. Треба и двете страни да му пристапиме на проблемот со реализам и мудрост. Не треба да оставиме никаков простор за конфронтации меѓу двата народа затоа што оние работи што ги обединуваат се повеќе од оние што ги разделуваат – вели Ципрас.
Грчкиот премиер е длабоко убеден дека решение што би било во национална корист би било изгласано со мнозинство пратеници и коментира дека Каменос нема да стане Самрас, со што индиректно порачува дека лидерот на Независни Грци нема да создаде проблеми во грчката влада.
Грчкиот премиер за „Етнос“ рече дека македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците и дека не е апсурдно терминот Македонија да е вклучен во сложено име, со географска или временска одредница која ќе важи за сите, така што ќе биде јасно дека никој не бара територии или историја на други народи.