Грабар-Китаровиќ: Нема да му ги одземам одликувањата на Праљак за одбрана од големосрпската агресија


Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ денеска во Бјеловар изјави дека нема да му ги одземе медалите на Слободан Праљак бидејќи ги добил за одбрана од големосрпската агресија.

Хашкиот трибунал го осуди Праљак на 20 години затвор за воени злосторства извршени на територијата на Босна и Херцеговина. По изрекувањето на пресудата, Праљак во судницата испи отров цијанид, по што почина во болница.

– Тие луѓе одликувањата ги добија за одбрана од големосрпската агресија и јас тие медали нема да им ги одземам. Праксата досега не се применуваше, освен во случаи на одлука на домашното законодавство – истакна хрватската претседателка.

Според Правилникот за одликувања и признанија, претседателот на републиката може да ги одземе одликувањата или признанијата согласно одредбите на законот. Во еден од тие членови пишува: Државната комисија за носителите на одликувања или признанија, кои се правосилно осудени на безусловна казна затвор од најмалку три години, ќе предложи одземање на одликувањата или признанијата.