Вучиќ: Србија е за политика на мир, а не за пушки
Србија се занимава со политика на мирот, и нема да се занимава со пушки, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ во одговор на заканите од косовскиот претседател Хашим Тачи.
– Не сакам да се занимавам со пушки и оружје како Тачи, нека тој го прави тоа. Но, неговите пушки не ја разорија Србија туку некои авиони. А, наше е да водиме политика на мир, изјави Вучиќ пред новинари во Мостар.
Вучиќ додаде дека треба внимателно да се чита изјавата на Тачи кога вели дека пред 19 години засекогаш е симната границата на две држави на албански народ, јави Танјуг.
– Треба некои во меѓународната заедница да се прашаат што мислат за тоа и дали поради тоа беше нападната Србија во 1999 година, нагласи Вучиќ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека на „заканите од Србија“ ќе биде одговорено со „пушки“.
– На тие закани ќе одговориме исто како што одговоривме пред 19 години – со пушки, истакна Тачи.