Вучиќ до Буљ: Да не мислите дека се уплашив од Вашето дофрлање?
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во рамките на дводневната посета на Загреб денеска оствари средба и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ.
Според твитер објавите на Пленковиќ по средбата со Александар Вучиќ, тие зборувале за сите отворени прашања меѓу двете земји, вклучувајќи го и прашањето за воените репарации.
– Со претседателот на Србија разговарав за сите отворени прашања меѓу двете земји – исчезнатите лица, за границата, правосудската соработка, на темата за воени репарации, заштита на малцинствата, сукцесијата и економска соработка, европскиот контекст и за односи во Југоисточна Европа, објави Пленковиќ.
Вучиќ, исто така, потврди дека разговарал со хрватскиот премиер за сите овие прашања, вклучително и за прашањето за воените репарации, додавајќи дека по тоа прашање имал поинаков став од оној на Пленковиќ.
Вучиќ претходно на Твитер напиша дека со Пленковиќ зборувале „за теми од интерес на двете страни, правата на малцинствата и колку е направено и колку може да се направи“.
По оваа средба српскиот претседател движејќи се пешки кон Саборот имаше вербален инцидент со пратеникот на Мост, Миро Буљ, кој преку обезбедувањето му дофрли на Вучиќ, прашувајќи го „кога ќе оди во Глина?“
Тоа го налути Вучиќ, кој му одговори „Да не мислите дека се уплашив од Вашето дофрлање, ќе Ви одговорам на секое прашање, кога и да посакате!“
– Пред се, тој требаше да оди на народот да му објасни, бидејќи тој беше главниот поттикнувач во движењето на Шешељ. Требаше да им се извини на тие луѓе, бидејќи им нанесе многу зло на српското национално малцинство, а потоа и на Хрватска, рече пратеникот Буљ.
Според соопштението од кабинетот на Вучиќ, тој со претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандроковиќ разговараше за односите меѓу двете земји, за правата на Србите во Хрватска и на Хрватите во Србија, како и за соработката помеѓу српскиот и хрватскиот Парламент.
Претседателот Вучиќ нагласил дека двете земји имаат доволно нерешени прашања од минатото и затоа е многу поважно да се гледа во иднината.
– Ќе имаме се повеќе заеднички интереси, а доколку работиме заедно на обнова на пругата Белград – Загреб, таа би можела да биде она што била пред дваесет години – најважната сообраќајница во регионот, изјави претседателот Вучиќ.
Тој истакна дека соработката помеѓу српскиот и хрватскиот Парламент по прашањето на интеграциите во ЕУ е многу важно за Србија и истакнал дека било каков вид на соработка ќе допринесе за смирување на тензиите.
Претходно, Вучиќ се сретна со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ. Тој истакна дека повикот од хрватската претседателка да го посети Загреб не бил лесен чекор, земајќи ја предвид атмосферата во Хрватска.
– Ви честитам на храброста, и се обрати Вучиќ и Грабар-Китаровиќ.
Тој посочи дека за време на дводневната посета, со хрватските политичари ќе разговара за сите отворени прашања, кои според него, ги има многу. Сепак, се заложи двете балкански земји да имаат односи како Норвешка и Шведска.
Вуќиќ потенцираше дека српските власти ќе се обидат да ја подобрат атмосферата и сите државни функционери ќе имаат обврска да не ја навредуваат не само Хрватска, туку и другите земји.
Хрватската претседателка изјави дека на средбата отвориле многу прашања.
– За многу прашања не се согласивме, а за дел ги приближивме ставовите и се договоривме дека ќе продолжиме со дијалогот, бидејќи за некои отворени прашања може да се постигне договор, истакна Грабар-Китаровиќ.
Посетата на српскиот претседател продолжува со средба меѓу српските и хрватските стопанственици во Хрватската стопанска комора