Врачени Нобеловите награди за 2017 година


На свечена церемонија во Стокхолмската филхармонија, шведскиот крал Карл Шеснаесетти Густав вечерва ги врачи Нобеловите награди за медицина, физика, хемија, литература и економија за 2017 година.

Единаестмината овогодишни лауреати на Нобеловите награди добија плакети и златни медали.

Првиот човек на Нобеловиот фонд, Карл-Хенрик Хелдин во обраќањето на церемонијата нагласи дека вредностите истакнати во тестаментот на Алфред Нобел се актуелни и денес.

– Хуманите вредности, критичното мислење и потрагата по научни факти и потврдени знаења треба да бидат во основата на нашите постапки и одлуки, како во приватниот живот, така и во политиката и бизнисот, нагласи Хелдин.

Овогодишната награда за медицина ја добија Американците, Џефри Хол, Мајкл Росбаш и Мајкл Јанг за пронаоѓањето на молекуларните механизми кои го контролираат биолошкиот часовник.

Германецот Рајнер Вајс и Американците, Бери Бериш и Кип Торн ја добија Нобеловата награда за физика за својот придонес во истражувањето на гравитациските бранови.

Швајцарецот Жак Дибоа, Германецот Јоаким Франк и Британецот Ричард Хендерсон ја добија Нобеловата награда за хемија за развој на криоелектронската микроскопија која предизвика револуција во биохемијата.

Нобеловата награда за литература ја доби британскиот писател од јапонски потекло Казуо Ишигуро за романите во кои „со голема емоционална сила се открива бездната, која се распаѓа пред нашето илузорно чувство за врските со светот“.

Ричард Тејлор од Универзитетот во Чикаго ја доби Нобеловата награда за економија за дела посветени на психолошките и социјалните механизми што влијаат при донесувањето одлуки од страна поторшувачите и инвеститорите.

Медалите што се доделуваат на сите лауреати на Нобеловата награда, освен на оние за економија, се изработени од 18-каратно злато и тежат 175 грама. Лауреатите на наградата за економијата, пак добиваат медали од 185 грама.

Претходно поладнево, како што јави МИА, на свечена церемонија во седиштето на градската управа на Осло денеска на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје и беше врачена Нобеловата награда за мир за 2017 година.

Примајќи ја наградата, претседателката на Кампањата, Беатрис Фин апелираше за поддршка на Договорор за забрана на нуклеарното оружје, кој за да стапи во сила треба да го ратификуваат најмалку 50 земји потписнички. Досега Договорот е ратификуван само од четири држави.

– Договорот претставува избор – избор меѓу два краја: крај на нуклеарното оружје или крај за нас. САД – изберете ја слободата наместо стравот, Русија – избери го разоружувањето наместо разурнувањето, Велика Британија – избери го владеењето на правото наместо угнетувањето, порача Фин.

Таа посочи дека е неразумно да му се дозволи на нуклеарното оружје „да управува со светот“.

– Многумина од оние кои го критикуваат нашето движење велат дека ние сме ирационални, дека сме група идеалисти изолирани од светот и дека нуклеарните држави нема никогаш да се откажат од своето оружје. Но, ние порачуваме дека сепак сме единствениот рационален избор, истакна Фин.

Фин на церемонијата беше придружувана од 85-годишната Јапонка, Сацуко Турлоу, која го прежеваала нападот со атомска бомба во Хирошима во 1945 година и целиот свој живот го посветила на борба за забраната на нуклеарното оружје.

Претседателката на Норвешкиот нобелов комитет, Берит Рајс-Андерсон од своја страна изјави дека главниот аргумент на Меѓународната кампања е дека се додека постои нукеларно оружје, светот нема да биде безбеден.

– Тој аргумент го прифаќаат милиони луѓе, кои чувствуваат дека заканата од употреба на нуклеарното оружје денес е поголема од кога било досега, истакна Рајс-Андерсон.

На церемонијата на доделување на наградата не присуствуваа амасадорите во Норвешка на земјите кои поседуваат нуклеарно оружје – Велика Британија, Индија, Кина, Пакистан, Русија, САД и Франција.

Нобеловиот комитет реши да и ја додели овогодишната Нобелова награда за мир на Кампањата поради нејзината „активна улога во борбата против ширењето на нуклеарното оружје и за намалување на ризикот од нуклеарна војна“.

Покрај плакета и медал, Нобеловата награда за мир вклучува и чек на износ од девет милиони шведски круни (1,1 милиони долари).