Во претседателската резиденција за празниците: На Бадник кај првата дама


Утрово на Бадник, во домот на Иванови, претседателската резиденција на Водно, ќе биде весело. Семејството на претседателот Ѓорѓе Иванов, како и лани, ќе ги прими на гости дечињата од бадникарската поворка, кои со пеењето на изворната христијанска песна „Вечниот Бог“ ќе го најават Христовото раѓање.

Претседателскиот пар, традиционално, ја поминува бадниковата вечер семејно, дома. И Новата година ја пречекаа во претседателската резиденција. Само синот Иван ја славеше со друштво, во кафуле во Скопје.

„Новогодишните и божиќните празници се период кога секој од нас треба да ги покаже своите хуманост, солидарност, човечност и да се осврне кон основните морални вредности и принципи. Ние, како семејство, отсекогаш сме ги негувале и верските и традиционалните вредности во нашиот дом, а сме поборници и на заживувањето на старите духовни традиции. Функцијата на мојот сопруг не го промени начинот на кој ги одбележуваме празниците и за нас битните датуми и семејни прослави, секогаш отворени за роднините и за пријателите. Затоа, од моментот кога мојот сопруг ја презеде функцијата претседател на Република Македонија, одлучивме на Бадник да ги отвориме вратите на претседателската резиденција, исто како што беше и во нашиот семеен дом. Така, секоја година пречекуваме коледари во нашиот дом на Бадник, а наши гости на Бадник досега беа и ‘златните славејчиња’, членовите на специјалната олимпијада, децата без родители и родителска грижа, подмладоците на игроорни групи и културно-уметнички здруженија, балерини… Од преклани, мојот сопруг и јас со огромно задоволство ја поддржуваме иницијативата за враќање и возобновување на божикната литија, односно поворка. Уште со детските прегратки утрото, во текот на денот се чувствува една прекрасна внатрешна енергија, една духовна исполнетост, со многу топлина, љубов и хармонија“, ја почна празничната приказна првата дама Маја Иванова.

Во текот на денот, продолжува подготовката на свечената бадникова вечера.

„Секогаш ја подготвувам сама и, најискрено, секогаш го правам тоа со голема возбуда. Сама го замесувам лепчето со паричка и ја подготвувам и ја уредувам празничната посна трпеза, која е богата за да имаме плодна година во куќата. А, на посната трпеза сѐ е традиционално, како и кај секое македонско семејство. Вечерта, во најтесниот круг на семејството, се собираме и ја имаме најубавата семејна бадникова вечера. Го кршиме лепчето на пет дела – за нас, за домот и за Господ и сите секогаш се радуваме без разлика кај кого ќе се падне паричката. Го молиме Бога за благослови, благосостојба, мир, љубов, напредок, успеси и најмногу за здравје на тој што ќе ја добие паричката, исто како и за целото семејство. Откако ќе завршиме со вечерата, продолжуваме со нашето семејно дружење, остануваме дома, сите заедно, покрај нераскренатата трпеза“, вели Иванова.

Во семејството Иванови религијата зазема посебно место и претставува водич низ целокупниот начин на живеење.

„Верата не познава богати и сиромаси, модерни и старомодни. Да се биде верник не значи да се биде конзервативен. Тоа се предрасуди кои, според мене, не се издржани и кои, веројатно, наоѓаат поддршка кај луѓе кои не умеат да ги препознаат и да ги ценат вистинските вредности. Овие предрасуди мора да ги надминеме. Традицијата и верата воопшто не се косат со современоста, туку напротив, секогаш го положуваат тестот на новите времиња. Мојот сопруг и јас сме израснати во семејства во кои се почитувала верата и се негувала и се почитувала наследената и со аманети оставена традиција. Таквата култура на почит кон традиционалните вредности успеавме да ја одржиме, надградиме и што е најважно, да ја пренесеме на нашиот син“, додава сопругата на претседателот Иванов.

За Божиќ Иванови се со пошироките фамилии.

„Божиќ е празникот кој семејно уште посилно нѐ поврзува и без исклучок го поминуваме во кругот на семејството и на најблиските, најчесто во домашна атмосфера. Старите велат, кај и да си, за Божиќ дома да си. Денеска, кога очигледно материјалното надвладува над духовното, кога световното е побитно од светото и духовното, кога се подигаат и се воздигнуваат непристојни вредности, кога не постои ниту топлина и љубезност, а камоли љубов, почит и меѓусебно разбирање меѓу луѓето, навистина е тешко да се препознаат и да се одржуваат вистинските христијански вредности, особено помеѓу новите генерации. Затоа семејството, според мене, е основата, која треба да одигра клучна улога во одржувањето, но и во враќањето на христијанските и на традиционалните вредности“, вели првата дама.

За разлика од Бадник, кога трпезата е посна бидејќи со неа се означува крајот на постите, на Божиќ, традиционално, трпезата им е мрсна и повторно богата, соодветно на овој голем христијански празник.

„Навистина ми претставува задоволство секогаш лично да се ангажирам околу сите подготовки на божиќната трпеза. Од подготовката на храната до украсувањето на амбиентот“, раскажува Иванова.

Секоја година, утрото на Божиќ, заедно со сопругот одат на свечената божикна литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

„Заедно со многуте верници ја следиме празничната богослужба и се поздравуваме меѓусебно со поздравот ‘Христос се роди. Навистина се роди’. Вечерта, пак, на Божиќ, изминатите години бев покровител на традиционалниот божикен концерт ‘Божик – Слава’ на женскиот камерен хор ‘Света Злата Мегленска’, кој се одржува во црквата ‘Рождество на Пресвета Богородица’. Покрај славењето на големите христијански празници од секое семејство во својот дом, најискрено верувам дека вистинското прославување на таквите значајни христијански празници и славењето на Бога треба да се случуваат во црквата, како наш духовен дом. Сите религии учат на добро, советуваат на ширење љубов, на подавање помош, на мир и толеранција, на меѓусебно разбирање. Ако добро ги спознаеме религиите и имаме вистинска вера во нас, ќе ги премостиме и различностите меѓу нас. Жалосно е што денеска во светот сме сведоци на случаи на маргинализирање на религијата или, пак, на нејзина злоупотреба за политички цели, преку грубо манипулирање со верниците или извртување во насока на личен интерес. Како вистински верници, не смееме да си го дозволиме тоа. Ниту нам лично ниту, пак, да пренесеме таква атмосфера во нашиот дом и во нашето семејство. Мојот сопруг има кажано, какви ни се семејствата таква ни е државата. Празниците се моменти кога народот треба да се обединува и да се сплотува. Секоја религија ја има таа функција, уште појасно и поизразено во нејзините постулати и основи на учење. Ниту една религија не учи на нетрпение, злоба или завист. Ако имаме вистинска вера во нас, ќе можеме да ги надминеме сите искушенија, ќе успееме да се почитуваме и да се сплотиме и со различните од нас“, вели првата дама.

Лејла Сабит     Фото: Приватна архива