Во Небрегово промовирана книгата „Како го читам Конески“
Блаже Конески е великан на македонската граматика, на правописот на современата литература и е наддржавен авторитет, а денеска се соочуваме со можност преку членството во НАТО и ЕУ македонскиот јазик светски да биде признат, порачаа учесниците на денешната промоција на четвртата книга за Блаже Конески, насловена „Како го читам Конески“ во неговото родно Небрегово и неговата родна куќа, сега спомен дом.
Според промоторот и претседател на Македонскиот славистички комитет, професор доктор Максим Каранфиловски, книгата која ги изнесува видувањата, чувствата на 30 македонски автори како го чувствуваат Конески е четврта посветена на Конески издадена од фондацијата „Небрегово“.
– Објавени се и три песни посветени и инспирани од творештвото на Блаже Конески. Сметам дека книгата претставува уште еден придонес кон проучувањето на делото на Блаже Конески и на некој начин го афирмира неговото духовно присуство во нашата средина денес и неговото значење во, воопшто, македонскиот културен живот и во нашето културно опстојување, рече Каранфиловски.
Еден од авторите во книгата, писателката Мирјанка Ристеска Селчанец нагласува дека Конески се чита на секој начин.
– Конески се чита секако. Конески се пее, се плаче, Конески се смее, Конески довикува, советува, укажува и на крај Конески забранува да се заборави она што е корен на Македонецот – неговиот мајчин јазик. Јас со задоволство и посебно чувство ги рецитирам неговите песни, нагласи Ристеска Селчанец.
Претседателот на фондацијата „Небрегово“ Трајко Стаматоски вели дека Конески залудно го напаѓале, а јазикот може сам да се одбрани себе си. Блаже Конески, посочи, е икона на македонскиот јазик, великан на македонската национална мисла.
– Мојот текст во оваа книга што ја промовираме денес е под наслов: „Блаже Конески – наддржавен авторитет на своето време. Почитувањето е култура на однесување. Но, ги има и оние што немаат мисла, а можеби има и злонамерници, Сум одговарал на некои напади на Конески, уште од 1990 година кога Блаже беше жив. Имаше напади, не однадвор, туку одвнатре, од државата. Тогаш напишав: „Не гибајте во нешто што е свето“. Ги побив сите злонамерници и тие што го напаѓаа и го наркуваа „џуџето од Небрегово“, а денеска му ги читаат песните. Денес порачувам јазикот се брани сам од себе, јазикот го бранат сите говорители. И додека има говорители, ќе има и јазик, ќе има и однос спрема јазикот, изјави Стаматоски.
Вера Стојческа Антиќ, универзитетски професор во пензија, е оптимист дека ќе се зголеми интересот за студирање на македонскиот јазик и книжевност иако сега се запишуваат неколку студенти.
– Македонскиот јазик не може да се уништи, ние го говориме, го имаме. Точно е дека треба да се обрне поголемо внимание: Институот за македонски јазик, катедрата, треба да добијат подмладок кој ќе работи, а го имаме. Имаме перспективни научници, а работат на споредни места. За жал малку студенти, неколку се запишуваат на катедрата за македонски јазик и книжевност. Имаме добри студенти, може да се подобри ситуацијата и верувам во тоа, и тоа со внимание и мора да има подмладок на катедрата. Инаку, лани во Солун на промоцијата на мојата книга „Мојот професор пророк“ посветена на Конески, се осведочив во мислењето на истакнатиот грчки поет Костас Валетас кој одржа слово, заклучувајќи дека е штета што Конески не ја доби Нобеловата награда, рече Стојческа Антиќ.
Министерот за транспор и врски Горан Сугарески посочи дека не случајно се одбележува Денот на независноста на Македонија токму во родната куќа на великанот Блаже Конески, бидејќи, како што рече, одолеваме на секакви притисоци веќе 27 години, па и последните години кога сме пред историската одлука за членство во НАТО и ЕУ.
– Ни се случува и денес кога сме исправени пред членството во НАТО и во ЕУ. Денеска сме тука да оддадеме признание на еден од најголемите великани на македонската литература – Блаже Конески. Се што е во наша моќ и како Влада и како министерства ќе направиме за културата и наредната година со цел она што значи македонска вредност, и во делот на јазикот, да овозможиме граѓаните да ги видат културните достигнувања, за да ја продолжоиме историјата што ја има Македонија, рече Сугарески.
Според замениците министри за култура Владимир Лазовски и за локална самоуправа Дејан Павлески, се вложува во културата, а овие напори за членството во ЕУ значат и напори за светска потврда на македонскиот јазик.
– Како Министерство за култура се трудиме што може повеќе секоја година да одвојуваме средства за да се одржува оваа куќа на великанот академикот, на џинот Конески, вели Лазовски.
Павлески рече дека ја имаме таа историска шанса и шансата, не само Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, туку и да се оствари борбата на македонскиот народ преку признавање и користење на македонскиот јазик на светско ниво. – Во тоа име и во таа чест доаѓаме да се поклониме пред великанот не само на македонскиот јазик, граматика и литература, туку воопшто на македонската државност – Блаже Конески, рече Павлески.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, на денот на независноста на Македонија, симболично е присуството во родната куќа на великанот на македонскиот јазик, поетот, книжевник, академик, професор и преведувач Блаже Конески.
– Конески е основоположник на македонскиот литературен јазик, на граматиката и правописот и остави голем белег во македонската историја. Тоа се совпаѓа со се што се случува во денешницата кога сакаме нашиот јазик светски да биде признат, како и идентитетот на македонскиот народ. Се што правиме за иднината ќе се вклопи со идеите на Блаже Конески кој остави силен белег во нашата историја, рече Јованоски.
Учесниците му оддадоа почит на великанот Блаже Конески и положија свежи цвеќиња пред неговата биста во родната куѓа во Небрегово.