Во Кривичен нова снимка од тепањето на Села


Судењето за случајот за нападот врз Села во Собранието на РМ продолжува со завршни зборови на 6 јуни. На денешното рочиште заврши доказната постапка откако беа прегледани една нова  дополнително поднесена видео снимка и два претходно изнесени пред Судот видео записи.

Обвинителот Дарко Јакимовски од судот побара повеќе време за да ги  подготви завршните зборови со цел да може да ги вклучи и деловите нотирани на денешното рочиште, поради, како што рече, можност за измена на обвинение.

Абидин Абдули по завршувањето на денешното рочиште рече дека денешниот видео запис претставен пред судот е нешто што им недостасувало на обвинителството и на судот за точно да се утврдат дејствијата и вината на обвинетите.

– Сведоци бевме на конкретни дејствија на најмалку седум од обвинетите во обидот за убиство на Зијадин Села.  Очекуваме после денешното рочиште судот да донесе одлука што јавноста ја очекува и најмногу оштетениот, рече Абдули.

Посочи дека во соработка со јавниот обвинител дополнително ќе се одлучува за некои постапки кон други лица кои се гледаат на доказите, а не се опфатени со обвинителниот акт.

– За тоа на завршен збор ќе го кажеме нашето. Во секој случај не сакаме никој да биде казнет без дело, изјави Абдули.

Адвокатите од одбраната по паузата од денешното рочиште реагираа на нотирањето на случувањата од видео снимката од страна на Советот и побараа видео записот да биде повторно прегледан и да бидат забележани и констатирани точно сите моменти.

Обвинителот реагираше дека барањата се целосно непредметни и можеле при прегледите на снимката да сугерираат одредени моменти од нивен интерес да се забележат, но не може да сугерираат и реагираат на тоа што и како е нотирано од судот.

Судијата Славица Андреевска, по забелешките рече дека може да се евидентираат само деловите што не биле нотирани, а на нив укажува одбраната, по што повторно беше погледнат видео записот.

Обвинителот на крајот од рочиштето до судот поднесе изготвено вештачење од Институтот за судска медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ.

На предлог од Обвинителството денеска се емитуваше и нова снимка, дополнително од предложената листа со докази. Обвинителството посочи дека снимката има и звук. На видеото се гледа настанот во прес-центарот во аголот каде се пратениците и на него тие веќе имаат видливи повреди. Се гледа нападот на лицата кои се влезени во Собранието и како тие ги напаѓаат пратениците и гаѓаат со предмети кон нив. Се нотира присуството на обвинетиот Александар Јаневски Тошта, Сашко Сенков, Никола Ошавковски, Цејо и Кире Георгиевски, лицето во црно со фантомка на глава, Николче Димитриевски. Се гледа оштетениот Села во аголот од прес центарот и се слуша како некој вика „Дај го ваму“, „Држи го“, „Дај го ваму! копиле!“ Потоа се гледа како некој го извлекува Села од групата пратеници кон средината на прес центарот. Се забележува поголема група луѓе како го удираат Села, прво во исправена состојба и потоа додека е на земја. Иако на подот е легнат Села и веќе не реагира, ударите продолжуваат.

За случувањата на 27 април обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.