Во Грција годинава пристигнале 25.000 мигранти и бегалци


На грчките острови Лезбос, Самос и Хиос, што се наоѓаат близу турското крајбрежје, во текот на 2017 пристигнале 24.970 бегалци и мигранти.

Повеќе од половина од нив или 12.506 лица, од Турција дошле на Лезбос, кој воедно е и островот најпогоден од бегалската криза во изминатите години.

Според официјалните податоци на грчките власти, минатата година на трите острови најмногу пристигнувања имало во септември (3519 лица) и октомври (3478), а најмалку во февруари (699).

Новогодишната ноќ 173 лица, меѓу кои и жени и деца, ја минале во три чамици и кусо по полноќ пристигнале на островите Лезбос и Самос.

Вчера, 30 минути по полноќ, 52 бегалци и мигранти со пластичен чамец стигнале на Лезбос, а еден час подоцна на истото место пристигнал уште еден чамец со 83 лица.

Во исто време, брод на ФРОНТЕКС спасил 38 бегалци и мигранти источно од островот Самос, кои со чамец од Турција тргнале кон Грција.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, сите 173 лица биле пренесени во центрите за прием и регистрација на бегалци на двата острови.