ВМРО-ДПМНЕ: ФЗОМ итно да ги зголеми месечните квоти на аптеките за лекови


Фондот за здравствено осигурување ги остави граѓаните без основните лекови. Досега не се случило осигурениците да не можат да ја подигнат својата месечна терапија која е на товар на Фондот. Во период на настинки, вируси и респираторни заболувања нема антибиотици и лекови за хронично болни во аптеките.

Ситуацијата е алармантна. Спрејовите Фостер и Спирива потребни на лицата болни од белодробни заболувања (Астма и ХОББ) односно хроничен бронхит, не можат да се најдат во аптеките во услови на енормна загаденост. Доколку ги има, пациентите треба да ги купат приватно, односно да одвојат околу шест илјади денари од својот џеб. Од ова зависи животот на пациентите, а тие се малтретираат секојдневно одејќи во аптеките, надевајќи се дека надлежните ќе ја средат оваа медикаментозна криза.

Здравствените осигуреници, секој месец плаќаат здравствен придонес и за тоа треба да добијат соодветна услуга.

Во Република Македонија има околу 770 аптеки со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор, но за жал лековите што одат на рецепт ги нема, ама затоа ги има за пари. Фондот фиктивно ги намалува цените за лековите, а од друга страна доплатата за лекот е поголема, односно граѓаните си ја плаќаат од свој џеб.

Секоја година на почетокот вообичаено се зголемуваше квотата за лекови во аптеките. Зошто не е направено тоа годинава? Зошто не е зголемен буџетот за квоти во аптеките? Дали е тоа поради тоа што на здравството му се заканува финансиски колапс?

Почитувани граѓани,

Приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е пред се вашето здравје. Болеста и лекот не препознаваат партиска, верска или етничка припадност. Вистинскиот лек му е потребен на болниот, во точно време и на право место, а тоа се аптеките. Пациентите не бараат ништо друго освен она што го заслужуваат.

Затоа му предлагаме на Фондот за здравствено осигурување, итно и неодложно да ги зголеми месечните квоти на аптеките за лекови за пациентите навреме и благовремено да си ги добијат своите медикаменти.