Буџет за култура 2018: Значително зголемување средства кај драмската дејност


Вкупниот буџет на Министерството за култура за 2018 година е 4.268.497.000 денари (околу 69,4 милиони евра) и е 4,48 проценти поголем од минатата година. Над 92 отсто од средствата во предлог-буџетот се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, каде што има зголемување од над 200 милиони денари во однос на лани, а осум проценти се за трошоци на администрацијата на Министерството за култура во кои има намалување од 112 милиони денари.

– Буџетот за културата во 2018 е развоен, со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивни трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста… Со овој буџет ставаме крај на т.н. Проект Скопје 2014. Нема нови штети и товар за буџетот и парите на граѓаните и се раздолжуваме навремено за досегашните обврски за да не создадеме дополнителна финансиска штета, рече министерот Роберт Алаѓозовски на презентацијата на предлог-буџетот во културата за 2018 година.

Кај средствата предвидени за дејностите, како најзначајни ги издвои тие за сервисирање на обврските за изградбата на Македонската филхармонија (600 милиони денари или 15 отсто од вкупниот буџет за дејностите), 13 проценти ќе се потрошат за изградбата на Албанскиот театар во Скопје и Театарот и Библиотеката во Тетово.

Значајно зголемување во директното финансирање на дејностите има во драмската дејност, во висина од 471.500.000 денари односно зголемување од 23 проценти во однос на ребалансот на буџетот за 2017 година; 21 отсто зголемување има за заштита на културното наследство; 17 проценти зголемување во музичката и сценско-уметничка дејност, 13 проценти кај фолклорната и музејската дејност и 4 проценти повеќе во однос на буџетот за 2017-та има во библиотекарството.

Во делот на капиталните проекти ќе бидат инвестирани 10 милиони денари во реконструкција на Офицерскиот дом во Битола и 10 милиони денари за изградба на Спомен-обележје на Тоше Проески. Споредено со 2017 година, во буџетот за културата во 2018 година се предвидени и намалувања на одредени ставки. Најчесто тоа е кај капиталните објекти (Антички театар во Скупи и манастирот Трескавец, театарот во Велес, Турски театар во Скопје, театарот во Струмица и неколку археолошки локалитети) и тоа поради намалување на обврските и завршување на изградбата кај дел од нив.

– Како посебна програма во капиталните проекти се предвидени и средства за санација на покривите и други ургентни интервенции за обезбедување на елементарни услови во нашите културни установи. Почетниот износ на оваа ставка изнесува 60 милиони денари, која може и да се надополни со пренамена откако ќе добиеме прецизни проекции од нашите установи и нашите инспекции, кои се на терен овие денови, рече Алаѓозовски.

Истакна дека со овој буџет се прави и значаен исчекор во поддршката за активности од меѓународната соработка и за новите уметнички изрази. Обезбедени се 20 милиони денари за финансирање активности за европски интеграции, што е зголемување од 90 проценти, а 28 милиони денари првпат ќе бидат инвестирани во нови мултидисциплинарни, интердисциплинарни и модерни уметнички изрази. Удвоени се и средствата за поддршка на млади таленти.