Бутарис: Ние губиме ако соседите не се интегрираат во НАТО и ЕУ
Наместо да му олесниме на соседот, ние ги нарекуваме Цигано – скопјани, вели солунскиот градоначалник и се прашува „однесување ли е ова?“.
Во изјава за локалните медиуми од Солун, Јанис Бутарис коментира дали и што губи Грција, доколку нашата земја не се интегрира во евро- атлантските институции.
– Ние губиме многу работи, го губиме нашето достоинство кон НАТО и Европската унија, не му олеснуваме на соседот кој е како мало дете, бара да си го најде неговиот идентитет. И ние што правиме? Ги пцуеме со цигано-скопјани. Однесување е ова?, коментира Бутарис.
Солунскиот градоначалник вели дека преговорите се работа на владата, а ниту тој ниту граѓаните не можат да и кажуваат како да преговара.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, градоначалникот Бутарис ја повторил неговата лична позиција за прашањето за името, но изразил и став дека проблемот меѓу двете земји треба да се реши.
-Мојата позиција е сложено име, нешто што беше одлучено од претходните влади во Букурешт во 2008. А, второ е спроведувањето на правилата од Времената спогодба што велат – целосна замена на сите иредентистички изрази и слично. И ова да се спроведе во две фази. Во првата е да се договори името, а во втората да се договори еден план дека за период, од три или пет години да се направат оние работи што ги предвидува Времената спогодба. План за три или пет години со обврзувачки клаузули. Не е лесно да ги смениш учебниците, свеста на граѓаните, 100 години Македонци се викаа, вели Бутарис во изјава за солунските медиуми.