Брендот „Бекутан“ слави 40 години постоење


„Алкалоид“ денеска го најави почетокот на кампањата по повод 40-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“. Во присуство на медиумите, педијатри, фармацевти, технолози, дерматолози и останати блиски соработници, од компанијата најавија низа активности за одбележување на довербата кон „Бекутан“ која бележи 4 децении.

„По повод 40-годишниот јубилеј, компанијата одлучи да подготви низа активности наменети за нашите ценети корисници, посебно оние најмалите, меѓу кои: лимитирани трендовски пакувања од добропознатите шампон и пенлива купка, нови форми од водечкиот производ – препознатливиот ‘Бекутан’ крем, кои наскоро ќе бидат достапни на пазарот, ‘Вибер’ стикери за полесна и поинтересна комуникација, наградна игра со бројни интересни награди, а со оглед на динамиката на брендот, сигурно ќе следуваат и други изненадувања“, истакна Маја Мизо, бренд-менаџер за „Бекутан“ пред преполната сала пријатели и соработници на „Алкалоид“ пред кои беше презентиран и нов рекламен видео спот снимен по повод јубилејот. Дел од настанот беа и дечињата, заштитни лица на „Бекутан“ линијата.

Приказната за „Бекутан“ започнува во далечната 1978 година, со само 5 производи наменети за нега на бебешката кожа. Прв бил кремот „Бекутан“.

„Довербата во брендот ‘Бекутан‘ од 1978 година се пренесува од генерација на генерација. Тоа е нашиот најцврст темел за долгогодишна традиција. Формулациите на продуктното портфолио се работени според најновите трендови во медицинската козметологија, во блиска соработка со врвни фармацевти, педијатри и дерматолози во земјава. Со повеќе од 200 милиони продадени парчиња производи,’Бекутан’ е синоним за постојан квалитет, доверба и лојалност. И во иднина, ние како компанија, ќе продолжиме да работиме сериозно и максимално посветено, за оваа наша заедничка успешна приказна да продолжи“- истакна генералниот директор на компанијата, Живко Мукаетов.

Во знак на благодарност за долгогодишната соработка во развојот на брендот низ годините, „Алкалоид“ им додели признанија за „Почесни бренд амбасадори“ на пет докторки на прим. д-р Марина Поп Лазарова, доц. д-р Катерина Дамевска, проф. д-р Катарина Ставриќ, прим. д-р Весна Деловска и проф. д-р Катица Пиперкова.

Како гест на благодарност за професионалниот и партнерски однос низ годините, „Бекутан“ додели јубилејни плакети на 5 здравствени установи: Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, Клиничката болница – Тетово, Првата приватна општа болница „Ремедика“ и Клиничката болница „Аџибадем – Систина“.

„Бекутан“ производите се рангирани меѓу водечките брендови во сегментот „детска козметика“ на регионално ниво. Производите се изработени од врвни суровини со проверен квалитет, исклучително благи формулации и уникатни рецептури, сигурни за употреба уште од првиот ден по раѓањето. Севкупниот производен процес се одвива во согласност со строгите стандарди за „Добра производна пракса“. Лидер во колекцијата е „Бекутан“ детскиот крем со продадени над 45 милиони парчиња. (Д.Т.Д.)