Билансот од митингот на ВМРО-ДПМНЕ


Петар Арсовски

Митингот на ВМРО-ДПМНЕ помина. Шилегов вели дека го исчистил ѓубрето. Улиците се повторно проодни. Некој ѕиркаше од прозорец, некој викаше во публика, некој го гледаше на телевизија. Некои, пак, дознаа од вести за што се зборувало. Но, секако, собирот на главната опозициска партија не помина незабележано и дефинитивно го навести претстојниот политички период за партијата и новото раководство. Што, всушност, сакаше да постигне Христијан Мицкоски со овој митинг и дали успеа во тоа? Тоа е покомплицирана анализа, која допрва ќе се ревидира во периодот кој следи.

Ако ништо друго, новиот лидер секако успеа да се наметне во медиумите, особено во овој период. Самиот собир, неговиот настап, бројноста, пораките – се една од главните теми во анализите и медиумите денес, а најверојатно и во текот на оваа недела. Оттаму, точно е дека настанот успешно го актуелизира новото раководство и придонесува за обновен интерес кон партијата, која, ете, покажува знаци на живот.

Вториот успех на Мицкоски со митингот е неговото недвосмислено поставување како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Како и претходниот дуел со Зоран Заев, така и овој настан, имаа за цел да го „цементираат“ новото раководство како единствена легитимна структура во рамките на партијата. Така, се потврдија претходните претпоставки дека борбата за претседателското место на опозициската партија де факто завршува со борбата за печатот: по конгресот структурите на организацијата, кои се исклучително авторитарни и хиерархиски устроени, сами се поставуваат согласно новиот ветер „од горе“. Со тоа, се покажуваат неточни претпоставките дека Мицкоски долго време нема да може да излезе од сенката на Никола Груевски. На крајот, самите перформанси на партијата тоа го докажуваат. Митингот беше далеку од спектакуларен, и бројките од 50-60.000 присутни се бујна фантазија, но и реалните околу 20.000 се одличен скор за структурите на организацијата во овој период. Тоа е доказ дека внатрешната „машина“ на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште функционира и дека транзицијата од едно кон друго раководство нема неопходно да оди со распад на внатрешните механизми. И така, со громогласен аплауз од истите членови кои се крстеа во него, Груевски замина во историјата, а Мицкоски се качи на главната бина.

Со тоа изгледа дека новото лице на партијата е етаблирано. Сепак, и покрај успешниот митинг, партијата и лидерот сѐ уште се соочуваат со многу проблеми кои им оневозможуваат брз политички пробив, а пораките и однесувањето на Мицкоски за време на митингот и во овој период, како да покажуваат дека тие самите за тоа не се свесни.

Прво, Мицкоски сѐ уште е на работ на политичка мимикрија. Иако е нов лидер, еве веќе сега етаблиран, тој уште звучи непријатно, слично како Груевски. Сѐ уште не прави критичка дистанца од тие политики, не врти нов лист. Тоа му останува сериозен проблем кој го влече назад. Напротив, наместо да се посвети на внатрешно ребрендирање, тој пребрзо влегува во нов наратив на „цунами“, во надеж дека ќе произведе нова еуфорија за брзо враќање на власт. Таквите потези, кои најчесто доаѓаат од одбивањето на партиите да се соочат со внатрешните проблеми, па се надеваат дека нивниот пораз бил или заблуда од електоратот или некаков заговор, речиси секогаш пропаѓаат. Мицкоски не може да го избегне фактот дека неговата партија ја изгуби власта и без да ги адресира причините за таквиот губиток на политичка поддршка, со истите тези, тој факт не може да го смени. Сѐ додека ВМРО-ДПМНЕ не се ребрендира, па со тоа и да го смени суштинскиот политички производ, сите најави дека „готово е, од понеделник се враќаме на власт“ ќе останат пуста желба. Сѐ додека производот е непроменет и одговорот на политичкиот пазар ќе остане ист.

Затоа неговите тези за демократија, заробена држава, зависно судство остануваат смешни. ВМРО-ДПМНЕ, партијата која без малку во сите европски метрополи засега останува политички лепрозна, нема да се врати на власт со наратив за демократичност – таму нивните перформанси се најтенки. Економијата, реформите, ефикасноста и даноците – тоа се нивните силни страни. Но без оглед на наративот, без интерно ребрендирање и најдобрите нивни политики ќе останат непривлечни.

На крајот, погрешни се и конфузни и тезите на Мицкоски за прашањето со името. Тој се обидува истовремено да спои два неспоиви наратива: национал-патриотскиот (како сигурно прибежиште на ВМРО-ДПМНЕ) и неопходната прозападна ориентација на новото раководство. Општеството во кое живееме ја направи трансформацијата кон отвореност и кон ЕУ и НАТО. Таа промена е неповратна, прагот од кој нема назад е пречекорен и без оглед на удирањето во гради за вековноста на македонштината тешко ќе се вратиме назад кон ксенофобијата и затвореноста која владееше претходно. Последните пробиви за македонскиот идентитет во преговорите тоа само дополнително го зацврстуваат и Мицкоски таму нема добитна комбинација.

Тоа би требало да му го кажат и рејтинзите. И покрај намалувањето на еуфоријата кон СДСМ која владееше помеѓу локалните и парламентарните избори, нема суштинска тектонска промена во општествениот дискурс која би направила поволна клима за промени. ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште изгледа како старата партија, главниот напор на СДСМ кон надворешната политика е сѐ уште доволен за гласачите да му ги простат другите недоследности, а авторитарниот карактер на електоратот ќе направи разликата во полза на СДСМ да се стабилизира ана среден рок. Од таквата позиција можно е да има промени само ако се случи најмалку едното од овие две: или да пропадне стратегијата за ЕУ и НАТО, или ВМРО-ДПМНЕ драматично да го смени својот политички производ.

Ако тоа не се смени, најлошото што Заев може да го стори за Мицкоски во овој момент е да му ја прифати фрлената ракавица.