Банкарската тајна и сега мислена именка во Македонија


И покрај реакциите во јавноста од најавата дека УЈП ќе добие месечен увид во банкарските сметки на граѓаните, факт е дека тие и сега, според важечкиот Закон за банките не се банкарска тајна за низа институции во земјава. До нив пристап има Народната банка, Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и Финансиската полиција. Во Законот стои и дека банките треба да им ги дадат податоците и на Министерството за труд, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, ако имаат потпишано меморандум за соработка. Со писмено барање до банкарските сметки на граѓаните стигнуваат и Државниот девизен инспекторат, Фондот за осигурување на депозити, Јавното обвинителство и судовите.

За да се оствари најавата, ќе треба да се смени сепак и законот за УЈП. Во него точно ќе се дефинира кои податоци од банките ќе ги добиваат даночниците, за да ја пополнат годишната даночна пријава на граѓаните, од следната година. Ќе се изготви и правилник за начинот и рокот на чување на податоците по размената.

Од Македонската асоцијација на банкари за 24 Вести изјавиле дека доколку власта остане на ставот и ја имплементира реформата, тогаш ќе мора да се воспостави кодирана размена на податоците, односно имињата на граѓаните да не бидат видливи. УЈП да нема целосен увид во банкарските сметки, туку само да ги прима податоците за кои граѓаните треба да платат данок.

„Во моментот постојат над 290 шифри за плаѓање и трансфер меѓу сметки во домашниот платен промет, кои сами по себе не се оданочиви или се претходно оданочени, со што доколку истите како сет на податоци би биле доставвени до УЈП може да предизвикаат негативни импликации, зашто тие не се потребни за да се пополни годишната даночна пријава“ – велат од Македонската асоцијација на банкари.

Од УЈП остро реагираат на шпекулациите дека даночниците ќе го следат трошењето на парите на граѓаните. Нив ги интересира приливот за кој треба да се плати данок, не и начинот на кој граѓаните ги трошат парите. Прибирањето на податоците ќе биде автоматизирано, а човечкиот фактор ќе биде сведен на минимум.

„Од јануари воспоставивме систем преку кој исплатувачите ги пријавуваат сите исплати на приходи на граѓаните. Врз основа на податоците што ќе ги добиваме и од трети страни ќе ги видиме приливите што подлежат на оданочување и што ги остваруваат граѓаните, што не се остварени во земјата и врз основа на сите тие податоци ќе се изготви пополнетата годишна даночна пријава“, велат од УЈП.