Анѓушев: Граѓаните ќе може да избираат од кого ќе набавуваат енергенси


Со донесувањето на новиот закон за енергетика граѓаните ќе имаат избор било кој енергенс да го добијат на слободниот пазар од било кој снабдувач во Македонија, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека со измените на Законот ќе се надминат конфликтните интереси во делот на гас и електрична енергија и ќе бидат задоволени сите директиви од третиот пакет на ЕУ.

За Предлог-законот денеска била одржана јавна расправа во Стопанската комора со Македонската енергетска асоцијација во делот на струјата. Утре ќе следи јавна расправа во делот на нафата и гасот, а во среда ќе има јавна расправа во Владата. Потоа законот треба да помине на владина процедура и да биде препратен во Собрание.

Анѓушев очекува до крајот на март да заврши редовната собраниска процедура за донесување на законот, а потоа се дава рок од девет месеци да се избере универзален снабдувач кој ќе има договор од пет години за снабдување и да следи до крајот на 2018 година целосната либерализација на енергетскиот пазар во земјава.

– Новата Влада доби шанса да ги донесе измените на Законот за енергетика до крајот на јуни 2018 година. За таа цел законот во владина постапка ќе биде донесен до крајот на годинава, а потоа ќе влезе во редовна собраниска процедура, рече Анѓушев и додаде дека многу внимателно го носеле законот и биле формирани бројни работни групи за него.

Предлог-законот нагласи е изработен и усогласен со Енергетската заедница и со европските директиви во областа на енергетиката.

– Со него граѓаните ќе имаат избор за било кој енергенс да бидат снабдени од било кој снабдувач којшто ќе биде регистриран во земјава без разлика дали станува збор за нафта, гас, електрична енергија или било кој друг енергенс. Воедно ќе бидат надминати конфликтите на интереси кои постојат во енергетското живеење во делот на гасот и електричната енергија. Притоа ќе бидат задоволени сите директиви од третиот пакет на ЕУ за енергетика, посочи Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека Македонија со донесувањето на измените на Законот за енергетика ќе ги анулира двете тужби што ги имаше за неносење на измените во 2014 година како што и беше наложено на претходната влада. Неносењето, како што кажа, ќе значеше и неможност за пристап и користење средства од ИПА и ИПАРД европските фондови за земјава.

– Со донесувањето на новиот закон за енергетика сите граѓани ќе имаат право да одберат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија. Отворањето на пазарот ќе значи можност за избор, а со тоа и поконкурентни цени. Затоа како Влада гарантираме дека цената на струјата нема да се зголеми, рече Бектеши.

Одговарајќи на прашање Анѓушев рече дека доколку на светските берзи нема некое големо зголемување на цената на електричната енергија нема да има и поскапување на цената за домаќинствата кога ќе пристапат на слободниот пазар. Тоа, како што кажа, го покажува и фактот што цената на струјата за компаниите кои излегоа на слободниот пазар се намали за 40 проценти.

Очекува целосната либерализација на енергетскиот пазар да се случи до крајот на следната година доколку сите процедури одат според предвидениот тек.