Анкета: Вучиќ најпопуларен политичар во Србија


Претседателот на Србија Александар Вучиќ е најпопуларен политичар во 2018 година, покажуваат резултатите од новогодишното истражување на „Политика“ и агенцијата „Фактор Плус“.

Претседателот на Србија, во изборот на оценки од 1 до 5, за својата работа доби оценка 4,2, многу повеќе од кој било друг политичар.

Српската напредна партија (СНС) и натаму е водечка, бидејќи за неа, доколку сега се одржат вонредни избори, ќе гласаат 53,8 отсто од испитаниците.

Според анкетата, животниот стандард и невработеноста, со 81 процент од гласовите на испитаниците, како и корупцијата и криминалот, со 78 отсто, се најзначајните проблеми со кои Србија моментално се соочува. Со 55 отсто од гласовите следи Косово, а потоа се ЕУ интеграциите, 33 отсто, состојбата во здравството и наталитетот, со по 25 отсто.

Граѓаните во најголем број (56 отсто) се уверени дека најдобро решение за проблемот со Косово е така наречениот „замрзнат конфликт“.

Според резултатите од истражувањето на „Политика“ и агенцијата „Фактор Плус“, претседателот на Русија Владимир Путин е светски лидер во кој граѓаните на Србија имаат најмногу доверба.

По Путин, кој доби 57 отсто од гласовите, следи кинескиот претседател Си Џинпинг со 36 проценти, германската канцеларка Ангела Меркел со 30 отсто и претседателот на САД, Доналд Трамп со 23 проценти од гласовите.

На прашањето по кој пат треба да оди Србија, 36 отсто од учесниците во истражувањето наведуваат дека треба да соработува и со Запад и со Исток, 30 проценти оти треба да го продолжи патот кон ЕУ, 21 отсто дека треба да се сврти кон Русија, додека 10 проценти се за политика на неутралност и потпирање на сопствените сили.

Истражувањето е спроведено од 17 до 26 декември, на примерок од 1.250 испитаници.