„Анима Мунди“ бара да се ослободи штркот „маска“ во Струмица


Здружението за заштита на животните Анима Мунди е револтирано што еден од маскираните употреби жив штрк на маскенбалот во Струмица.
„Со цела должна почит кон фестивалот, кој ја негува традицијата и каде меѓу традиционалните маски од македонскиот фолклор во карневалската парада, преку сатира и креативност се вметнуваат и нови идеи за маски, фрапирани сме од леснотијата со која дозволувате животните да се користат за забавни цели како да се предмети“, велат од Анима Мунди.Од Здружението додаваат и дека во време кога дивиот свет ни се намалува рапидно пред очи, организаторот дозволува флагрантно кршење на законот за благосостојба на животните и уништување на дивиот свет, без трошка одговорност.Тие бараат од градоначалникот, општината и фестивалскиот одбор да го открие идентитетот на лицето кое го употребува штркот како маска и итно негово исклучување од конкуренција за најдобра маска.

„Бараме докази и ветеринарна потврда дека птицата е добро, дека се опоравува од траумата и стресот и дека е пуштена на слобода. Во спротивно, организаторот ќе биде пријавен во Федерацијата како фестивал кој дозволува суровост и изживување спрема животните“ наведуваат од Анима Мунди и ги повикуваат надлежните инспекторати при Агенција за храна и ветеринарство и ловниот инспекторат да реагираат во согласност со законската регулатива.