Зверев неизвесен за ЈуЕс Опен


 

 

Германија– Германскиот тенисер Александар Зверев не губи надеж дека идниот месец ќе може да настапи на ЈуЕс Опен, но најверојатно ќе се врати на теренот по повредата на зглобот дури кон средината на септември за Дејвис купот.

Зверев се повреди во полуфиналето на Ролан Гарос против Рафаел Надал и минатиот месец беше опериран.

– Саша добро закрепнува и сè уште се надева дека ќе може да биде подготвен за ЈуЕс Опен. Меѓутоа, сè уште е прерано да се каже дали ќе биде меѓу тенисерите кои таму ќе настапат, изјави портпаролот на Зверев за странските агенции.

Последниот годинашен грен – слем турнир стартува на 29 август во Њујорк.

Претходно оваа недела Зверев го потврди својот настап на Јапан Опен, од 3 до 10 октомври во Токио.