„Зраци“ – Михаил Ренџов со нова поетска книга


Фото: Б. Грданоски

„Зраци“ е насловена новата поетска книга на бардот на македонската поезија, Михаил Ренџов, во издание на „Метаноја“.  Промоцијата на книгата ќе се одржи во среда на 22 март 2023 година, од 12 часот, во Литературното кафе „Метаноја“ (Максим Горки 19).

Настанот ќе го отвори директорката на „Метаноја“ Нада Милкова, а промотори се Владимир Мартиновски и Коста Милков. Петар Ренџов ќе го збогати настапот со музика.

Во најава за целата збирка подолу е една од песните на Ренџов кој со малку зборови ја обзнанува моќта на поезијата да „пее“ тогаш и таму каде што секој друг јазик замолкнува. 

Три нешта
Во мене тлеат и
Светлеат:
Добрината,
Убавината и
Татковината.

 

За збирката промоторот Владимир Мартиновски пишува: „Најновиот поетски ракопис на Михаил Ренџов е вчудовидувачки екстракт од неговото раскошно поетско искуство. Светлината и топлината од неговата поезија овојпат ги добиваме преку извонредна серија лирски минијатури, елиптични поетски вињети, именувани „зраци“.“

Во поговорот Коста Милков пишува: „Михаил Ренџов со целиот свој живот, со целото свое творештво и со целото свое битие е автор свртен кон созерцателното и кон аскетското. Тој е поет подвижник, сесрдно нурнат во најголемите длабочини или вивнат во најголемите височини, без притоа да ја „напушти“ оската која е цврсто поставена врз Земјата.“

Поетот и преведувач Михаил Ренџов е автор на неповторливите „Псалми“, „Јас. Елегии“, „Вечната бесконечната“…Добитник е на бројни награди меѓу кои: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата Нерези (1982), „Григор Прличев“ за поемата Тој (1993), „Ацо Шопов “ за книгата Јас Оксиморон (1999), „Рациново признание“ за книгата Захариј и други раскази ( 2004),  „Григор Прличев“ за поемата Предвесница (2009), „Браќа Миладиновци“ за
книгата Јас. Елегии (2017).