Зошто зборовите не смеат да се бришат


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Одлуката да се бришат или изоставуваат постоечки зборови во македонскиот јазик од Толковниот речник е скандалозна и пуританска, и на крајот на краиштата, претставува ужасно опасен вид цензура

 

Пред некој ден, на Денот на македонскиот јазик, свечено беше пуштена во употреба електронската верзија на Толковниот речник на македонскиот јазик изработен од Институтот за македонски јазик (ИМЈ). Овој речник досега постоеше само во физичка форма, а како таков тешко се наоѓаше, па ова широко достапно електронското издание, спонзорирано од Владата и од МОН, е навистина битен чекор за македонскиот јазик.

Следниот ден, здружението за унапредување на правата на Ромите „Аваја“ реагираа за тоа што во речникот се вклучени зборови кои имаат погрдно значење кон Ромите. Ова се рашири на Фејсбук. Се појавија многу гневни реакции, по што Владата речиси молскавично реагираше и во согласност со ИМЈ, излезе со соопштение дека „лингвистите постигнале согласност зборовите што ги предизвикаа овие реакции да бидат повлечени“.

Иако ја разбирам реакцијата на „Аваја“ и сметам дека маргинализираните групи што се „дефинирани“ во ваквите речници прават добро кога јавно реагираат, исто така сметам дека решението на Владата и ИМЈ се недозволиво брзоплети, непромислени и популистички. Истовремено, чинот на бришење на зборови од речник во 21. век го сметам за регресивен чекор кој го осиромашува и ограничува јазикот. Всушност, ваквата одлука, да се бришат или изоставуваат постоечки зборови во македонскиот јазик е скандалозна и пуританска, и на крајот на краиштата, претставува ужасно опасен вид цензура. Решението на овој проблем не е во тоа да се исклучат зборовите, туку тие да се дефинираат согласно општествениот контекст. Значи, ако зборот „Шиптар“ во македонскиот јазик е употребува како погрден и навредлив збор за Албанец, во речникот таа информација треба да стои, зашто таа е документ за времето во кој се употребувал тој збор. Бришењето на зборот од речникот нема да направи ништо освен што вештачки ќе нѐ принуди да ги затвориме очите пред предрасудите во нашето општество. Предрасудите нема волшебно да исчезнат ако ги избришеме зборовите од речникот, исто како што нема да исчезнат и тие зборови од употреба. Тие ќе исчезнат ако имаме соодветно образование и стручни дебати и дискусии кои се одвиваат на медиуми, а не на платформи како Фејсбук.

Општа нестручност и Фејсбук политика

Соодветно образование, пак, очигледно дека нема. Тоа се гледа од самиот факт што во 21. век, наместо да додаваме зборови во речниците и да ги збогатуваме со сите нови кованици, заемки, а и дијалектни зборови што досега сме ги „ишкале“ затоа што биле поврзани со српскиот или бугарскиот јазик, ние си пукаме во нога со тоа што ветуваме дека ќе вадиме зборови од јазикот. Ова покажува екстремно ниско ниво на образование и свест, па ми се чини дека голем дел од луѓето што дискутираат или пак решаваат дека ќе се исфрлат зборови од јазикот, воопшто не знаат што значи тоа „толковен речник“ и што значи „пејоратив“. (Еве, за тие што не знаат, толковен речник е, ајде вака народски, македонско-македонски речник, а „пејоратив“ значи „погрдно“, и се појавува кај дефинициите на навредливите зборови во речникот. Го има внесено и кај сите зборови што се погрдни и се однесуваат на Ромите, на пример, ама кој да види. Всушност ова би било добро некој темелно да го истражи.) Има и такви што не отвориле туѓ речник за да видат како внатре се дефинирани погрдните зборови како на пример „nigger“ во англискиот јазик, а и не размислуваат како изгледа живиот јазик во македонската литература, или пак како би изгледал овој вештачки цензуриран јазик во преведената литература.

Ваквата нестручност се гледа и преку нивото на „дебатата“ што се појави по ова прашање. Прво, таа се појави на Фејсбук, што е крајно проблематично и несериозно, и покажува дека во земјава не постои медиумска платформа која вистински се занимава со општествени прашања. Второ, уште позагрижувачки е што Владата го третира Фејсбук како сериозна платформа, па мислењата на најгласните коментатори што имаат најмногу време за губење и најмалку стручност го земаат за „јавно мислење“ на кое реагираат преземајќи официјални чекори. Мразам извичници, ама овде ќе употребам еден од вчудовиденост и срам!

Зошто бришењето зборови е опасно

Некои луѓе – со право – прашаа што е толку битно дали е нешто во речникот или не, кога ние и онака ќе го употребуваме и во пишаниот збор? Драги мои луѓе, битно е, и не само што е битно, туку е и опасно. Битно е затоа што речникот претставува архив на нашата култура во даден временски период, а опасно е затоа што кога објавувате книга, текст, превод, што и да е на македонски јазик, тој мора да оди на лектура, а лекторот обично се раководи од „официјалниот“ толковен речник на македонскиот јазик, а тој е тој што е издаден од ИМЈ (има и уште еден одличен неофицијален дигитален, кој има уште поголем фонд на зборови и со кој сите со години се служиме и кој не ги исфрлува незгодните зборови). Во таква ситуација, лекторот и на крајот редакцијата на изданието, може да ви исфрлат зборови што тие ги сметаат за несоодветни затоа што ги нема во речникот. И така ќе ви го уништат текстот.

Пример 1: во роман опишувате Македонец полн предрасуди што мрази Роми, Албанци, хомосексуалци и жени. Каков јазик ќе му припишете на таков лик? Ќе зборува чисто, пуритански? Нема да пцуе? Како ќе покажете дека е шовинист? Или нема, па ќе се преправаме дека такви Македонци не постојат?

Пример 2: ова се случи, што покажува колку е опасен ваквиот чекор. Кога претходната влада го лансираше мегаломанскиот проект за издавање и преведување книги, стручната редакција на едициите за литература си имаше издадено свој „глосар“ според кој своевидно го обликуваше јазикот во сите преводи. Во тој глосар беше наведено што смее, а што не смее да се користи. Ако се прашувате зошто толку многу во последно време ги среќавате зборовите „вџаси“ и „дадијарка“ во книги, наместо „вџаши“ и „дадилка“, тоа беше зашто последните два збора беа забранети. Најстрашен пример за тоа како настрада едно дело беше преводот на „Хаклбери Фин“ од Калина Малеска, кога редакцијата го лекторираше целиот превод без согласност на преведувачката, уништувајќи го разговорниот, жив јазик на Хак Фин и другите ликови, со што ги направи да звучат како водители од Македонско радио. Со тоа, уништено беше и делото.

Па така, утре може некој главен редактор да ви рече дека Толковниот речник на ИМЈ е официјалниот и прифатливиот речник, а не дигиталниот толковен, или пак толковниот на Зозе Мургоски, и така да ви наложи дека не смеете да напишете или преведете „педер“ или „курва“ во текст, без разлика на тоа каков и да е контекстот.  

Резултатот на ваквото бришење е насилно и вештачко прочистување на јазикот и на општествените проблеми. Јазикот е огледало на општеството во кое живееме и тој се развива заедно со него, и ако општеството е неуко и дискриминаторски настроено, тоа ќе се гледа и во јазикот, па и во начинот на тоа како се дефинираат зборовите во речниците. Истовремено, ако се избришат „проблематичните“ зборови во речникот, се брише и историјата на опресијата на маргинализираните групи, со што уште повеќе се оневозможува нивната можност за социјален отпор. Па така, интервенирањето на владата или на државни институции во јазикот е грубо наложување на правила за тоа како треба да се зборува, што треба да се памти и што е реалност, и произлегува од позиција на моќ. Ваквата позиција е толку страшна, што е дури дистописка, и никако не смееме да ја дозволиме. 

(Румена Бужаровска е писателка)