Зошто ВМРО-ДПМНЕ ја навредува Колумбија?
Зборовите некогаш одат побрзо од мислите. Така, вчера Владимир Нелоски, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, се обиде да поентира во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа оценувајќи ја новата ранг листа за перцепцијата за корупцијата и поразителните резултати за Македонија, внесувајќи една голема и важна земја во овдешните партиски пресметки. Тоа е Колумбија. „Косово, која што е тазе држава е пред нас, една Колумбија која што до пред неколку години беше де факто контролирана од нарко картелите каде што имало моќници кои што буквално директно ги купувале властите, се пред нас на оваа листа“. Потоа, партијата на официјално соопштение му даде ваков наслов: „Нелоски: Поразително е Колумбија да е пред нас на ранг листата на Транспаренси интернешнл“
Нелоски очигледно гледа многу филмови за Пабло Ескобар и останатите. Но не успеал да види како таа Колумбија, татковината на Маркес, изгуби илјадници и илјадници животи во борбата на државните власти против нарко-картелите, и уште други илјадници жители во битките меѓу левичарските герилци на ФАРЦ и државата.
Една недела пред Нелоски да ја омаловажи Колумбија, новата амбасадорка на оваа голема јужноамериканска земја во Македонија, Карменца Гутиерез, му ги предаде акредитивите на претседателот Стево Пендаровски. Седиштето на Гутиерез е во Будимпешта, па поради пандемијата целата процедура се изврши преку видео-конференција и при тоа тие разговараа за поголема економска соработка.
Нелоски, пред да ја навреди Колумбија, би требало да знае дека државата која има 50 милиони жители и е 44 пати поголема од Македонија е силен регионален актер, дека е членка на ОЕЦД (за што ние засега може само да сонуваме), дека е единствениот глобален партнер на НАТО во Латинска Америка и членка на Организацијата на американските држави, Пацифичката алијанса, Андската заедница…
Навистина, за многумина помалку информирани луѓе перцепцијата на Колумбија би можела да биде поврзана само со Ескобар, но за влијателни партиски функционери тоа е недозволиво. Колумбиската економија има БДП кој е на 38. место во светот, во последно време државата годишно ја посетуваат по 14 милиони туристи, има неверојатен фудбал, има велосипедисти кои се меѓу најголемите херои во светот, има музички ѕвезди планетарно познати… И сега? Нарко-картелите ги бирале властите до само пред неколку години. Малку повеќе внимание, Неловски и помалку омаловажување.
Како што многумина овде уште сакаат да ја поставуваат Европа во надмоќна економска, цивилизациска и политичка смисла суперирорно над Африка. И при тоа да не ги забележуваат огромните промени што се случуваат на црниот континент, а тие сѐ уште се хранат со старите предрасуди и самонаметнатите перцепии за надмоќност. И повторно и повторно ја прават истата грешка како со последниот извештај за корупција кога оценуваат дека Македонија паднала во друштвото на некаков вид озлогласени земји. Така е тоа кога се гледа преку диоптерот на белата надмоќност.(Љ.П.)