Зошто Владимир Ѓорчев кажува толку невистини околу вакцините и короната


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Ѓорчев тврди дека Македонија била најлоша во светот со вакцините и имунизацијата, а фактите велат дека во 120 земји вакцинацијата воопшто не е почната. Дури и во силни демократии и екстремно моќни економии, како Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја

 

Во политиката изјавите многу често се работ на вистината. Тие знаат да кокетираат со фактите, со вистинските податоци за одредени настани, за политичкииот правец на развојот, но некогаш се еклатантни примери за лажни вести. Но не секогаш лажните вести носат придобивки за оној што ги кажува.

Така е со денешната прес-конференција на Владимир Ѓорчев, сега секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, а до јули речиси незаменлив пратеник на партијата. Дали постојаната навика да дава податоци кои не се во графата вистинити, дали поради внатрешното раслојување во партијата и најавата за два конгреса – еден вонреден и еден редовен, Ѓорчев по подолго време се појави за да каже која е страната што веројатно ја одбрал и при тоа да здипли повеќе невистини. Или како што со модерен речник сега се нарекува – лажни вести.

Неговите тврдења за бројот на починатите од Ковид-19 и нивното ставање на светската ранг-листа, како и за вакцинирањето во светот, требаше да го амортизираат настанот на снежното, студентото и ветровито Табановце, каде српскиот претседател Александар Вучиќ му ја предаде првата пратка од 4.680 вакцини на „Фајзер“ на премиерот Зоран Заев. Кога пред неколку дена се одложи испораката за овие вакцини, тоа беше причина за одредено „славје“ во ВМРО-ДПМНЕ за да се докаже „неуспешноста и неспособноста на оваа власт“ во ваква голема криза. Кога, најпосле, вакцините стигнаа, настанот и гестот на Белград требаше да се потцени и да се омаловажи соседот, и со зборовите на Ѓорчев – „пред 7-8 години Србија беше земјата која што учеше инвестиции и економија од Македонија“ – јавноста да се потсети на „славните“ времиња на Никола Груевски. Па уште да каже дека „со Зоран Заев и Венко Филипче, Македонија е осудена да живее и да зависи од хуманитарна помош и милостина од Србија“. Дали тоа беше милостина? Или помош на пријател и сосед, како што јасно изјави Вучиќ.

Владимир Ѓорчев тврди: „Македонија е буквално најлоша во светот кога станува збор за вакцини и имунизација на населението“. Факт е дека Македонија не се снајде најдобро околу вакцината. Владата премногу му веруваше на системот Ковакс на СЗО (за кој одамна уплати пари) и ја очекуваше ветената помош од Европската унија и најавата за распределба на вакцините во Западен Балкан. Таа помош од ЕУ не дојде за ниедна од шесте земји на Западен Балкан, но поради стратешките интереси на медитеранските земји од Унијата и веројатно пред сѐ на Франција, пред неколку дена ЕУ испрати 28.000 дози во Либан. Владата премногу веруваше на ветувањата на ЕУ, а таа како многу пати досега, не ги оствари своите ветувања.

Тврдењето дека „Македонија е буквално најлоша во светот кога станува збор за вакцини и имунизација на населението“ е целосно неточно, или во стилот на Ѓорчев „буквално“ неточно. Пред десетина дена опозицијата, а и јавноста, наголемо го користеа рангирањето на британски „Економист“ во кое Македонија беше сместена во графата хибридни демократии. Тоа навистина е многу загрижувачки. Но одделот на „Економист“, познатиот Economist Intelligence Unit, пред два дена објави истражување како тече вакцинацијата во светот, кои земји отишле најдалеку, кои тоа го прават со бавен ритам, а каде воопшто не е инокулирана ниту една доза на вакцината. Во повеќе од 120 земји во светот вакцинацијата воопшто не е почната. Вакцинацијата тече во само осумдесетина држави.

Тоа многу добро може да се види на оваа мапа што ја објавува Economist Intelligence Unit. Со сиво се обоени сите држави каде што не е почната вакцинацијата. Меѓу нив има и совршено развиени демократии и екстремно силни економии, како Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја…

Јапонија и Јужна Кореја уште пред еден месец најавија дека нема да брзаат со вакцинацијата, сакаат да ги видат ефектите од мерките што ги спроведуваат нивните влади и да се запознаат подобро со ефикасноста на вакцините, без оглед кои и да се. Австралија и Нов Зеланд се потпираат повеќе на исклучително строги локдауни да го запрат ширењето на Ковид-19, како што се последните случаи на целосен карантин на државата Викторија поради откривањето на само 13 нови случаи (и од тенискиот турнир Австралија опен беше исфрлена проретчената публика без никаков пардон), а владата во Нов Зеланд го стави во карантин најголемиот град Окленд по само неколку откриени инфекции.

На оваа мапа може да се види дека во Африка почнала скромната имунизација само во три земји – Мароко, Алжир и Египет. Што значи дека на целиот африкански континет нема воопшто вакцини. Потоа, дека не е почната вакцинацијата во цела Југоисточна Азија. Индија, која е еден од големите производители на вакцини во светот (таму се произведува вакцината на „Оксфорд/АстраЗенека“) им испорача одредени дози на нејзините најблиски соседи и на Мароко, кои веројатно чнуваат со нивното инокулирање.

Потоа, другото тврдење – дека „Македонија на Зоран Заев и Венко Филипче е земјата со најмногу мртви по жител на светот“. И покрај големата бројка на починати во Македонија тој факт навистина не е точен. Според табелата на Worldometers, Македонија и натаму е во врвот според бројот на починати, но последнава недела падна на 9. место. Секој смртен случај од корона вирусот е навистина трагедија, но не треба да се прават лажни вести од овие трагедии. Македонија има 2.989 починати, или 1.485 на еден милион жители. На врвот на оваа листа, според денешната статистика, е Белгија со 1.862 починати,а втора е Словенија со 1.788 смртни случаи.

На таа „црна листа“ пред Македонија се уште и Велика Британија, САД, Италија, Чешката Република, Португалија, Босна и Херцеговина. Всушност, најголема смртност имаат две мали енклави, кои се своевидни држави-територии – Гибралтар (2.494) и Сан Марино (2.119).

До пред два-три месеци вмровските претставници ја земаа Словенија за пример за справување со пандемијата, во голема мерка да прикажат дека владата на нивниот партиски пријател Јанез Јанша знае да покаже како може да се управува една здравствена криза. Кога бројките на заразени и починати во Словенија почнаа да растат со ракетна брзина, исчезна споменувањето на Словенија како пример. Вмровските претставници и на прес-конференциии и во парламентот постојано оперираа со податокот дека Македонија е на петто место по бројот на смртни случаи. Но кога таа бројка почна да паѓа надолу на скалата, рангирањето престана да се споменува, барем не толку често.

Сега Владимир Ѓорчев наеднаш тврди дека ние сме имале најголема бројка на починати во светот, обидувајќи се да каже дека кога ќе се пресмета дека реалната бројка на жители во Македонија била 1,7 или 1,8 милиони жители. Дури и со таа бројка кога ќе се пресмета колку лица починале, Македонија не е е на врвот на смртни случаи на еден милион жители.

Владимир Ѓорчев вели дека „мора да има одговорност за овој дебакл и фијаско“ во однос за здравјето на населението. Но каква одговорност треба да има кога политичари изнесуваат лажни податоци за состојбата со пандемијата во државата и се обидуваат да го вознемират населението. Вообичаениот одговор е дека – граѓаните тоа ќе го оценат на избори. Но некогаш штетите се толку направени што никакви избори не можат да ги поправат. И затоа политичарите никогаш не треба да бидат зачудени зошто во анкетите граѓаните велат дека тие се на врвот на пирамидата на луѓето на кои најмалку им се верува.