Зошто Виктор Орбан е во тревога?

Во Унгарија конечно се појави фигура која може да ја одземе моќта од Виктор Орбан. Режимот прави сѐ за да го наруши кредибилитетот на Петар Маѓар - но популарноста на младиот предизвикувач постојано расте


Унгарската политика понекогаш може да изгледа како сапуница која е заглавена со истите ликови и трае предолго. Имате повремени скандали – како што е истакнат владин европратеник кој избега од оргија во Брисел преку олук – но освен тоа, се чини дека ништо никогаш не се менува. Овде можете да започнете основно образование, да завршите средно образование и да започнете универзитет, а Виктор Орбан сѐуште ќе биде премиер.

Но, тоа сценарио изгледа ќе добие големи преправки, бидејќи 14-годишното владеење на Орбан сега е под голем предизвик од Петер Маѓар, поранешниот сопруг на поранешната министерка за правда на Орбан, Јудит Варга. Неодамна формираната партија Тиса на Маѓар во моментов има двоцифрена предност пред Фидес во најновите анкети. Општите избори треба да се одржат во пролетта 2026 година, а Фидес е во паника.

Маѓар своевремено беше моќен инсајдер на Фидес. Но, откако Фидес ја жртвуваше Варга – откако таа поднесе оставка поради одлуката да помилува добро поврзана личност вмешана во скандал за сексуална злоупотреба на деца – Маѓар излезе во центарот на вниманието и отворено ги критикуваше спин докторите на Орбан и моралниот нихилизам на неговиот систем. Во јавна објава на Фејсбук, тој инсистираше на тоа дека моменталната состојба на Унгарија е само политички производ, „шеќерна обвивка што служи само за две цели: да се прикрие работата на фабриката на моќ и да се стекне огромно богатство“.

Неколку недели подоцна, на социјалните мрежи и на плакатите на масовните демонстрации тој беше нарекуван Лисан ал Гаиб, месијата на Фремен во филмот „Дина II“, кој штотуку беше објавен. На многу Унгарци им е преку глава од корупцијата и непотизмот по 14 години владеење на Фидес, како и од немоќната опозиција. Искрениот млад инсајдер изгледаше како личност која конечно може да донесе промени.

За да ја формализира својата улога, Маѓар го презеде раководството на Тиса, политичка микро-партија основана во 2021 година. Во јуни 2024 година, партијата освои седум места во Европскиот парламент и беше поканета да се приклучи на неговата најголема група, Европската народна партија. Оттогаш, популарноста на Тиса расте експоненцијално. Прво, ги проголта повеќето опозициски гласачи на нејзините либерални, зелени и левичарски ривали, кои се подготвени на компромис за прашања како што се минатите врски на Маѓар со Фидес. Потоа, нејзините силни антикорупциски пораки почнаа да одекнуваат кај конзервативните рурални гласачи.

Маѓар е динамичен, со спортски изглед и стилски дотеран. Неговата комуникација е мешавина од театрално, апсурдно, арогантно и духовито. Тој не се плаши да го нарече Орбан „Ал Капоне од Карпатите“, да излезе од ТВ студијата кога не сака прашања и да ги исмејува владините министри во коментарите на Фејсбук. Кога Тамаш Менцер, државен секретар и директор за комуникации на Фидес, агресивно му викаше пред камерите, Маѓар му предложи да ги измие забите бидејќи има лош здив. Критичарите го опишуваат како кловн полн со тестостерон или мини Трамп, но тој е неспорно талентиран.

Отпрвин, Орбан го игнорираше: со месеци тој не го ни спомнуваше Маѓар во јавноста. Потоа ја стави во движење машината на моќта. Медиумите под контрола на владата започнаа кампања за оцрнување. И беше отворена кривична постапка против Маѓар – во тоа беше вклучено барање за отстранување на имунитетот што му беше доделен како европратеник – за инцидент во кој тој, наводно, грабнал телефон од човек кој го снимал во ноќен клуб во Будимпешта. Се чини дека ништо од ова не го оштети угледот на опозицискиот лидер, кој изгледа дека е обложен со тефлон. Орбан, наводно, започнал режим на диета и вежбање за да одговара на фотогеничниот изглед на неговиот противник.

Но, Орбан има поголеми проблеми од вишокот килограми и неприкладните костуми. Малата и отворена економија на Унгарија е ранлива на надворешни шокови и стагнира веќе две години. Нејзината стапка на инфлација е една од највисоките во ЕУ, а националната валута е слаба. Нестабилната геополитичка ситуација и претстојната администрација на Трамп веројатно ќе ја влошат кризата во Унгарија преку трговските царини и зголемените трошоци за одбрана. Преголемиот буџетски дефицит веќе доведе до дисциплински мерки од страна на ЕУ, која исто така го спречува финансирањето поради загриженоста за владеењето на правото. Истовремено, владата ќе биде под притисок да ги зголеми шемите за социјално плаќање една година пред изборите. Единственото можно решение е зголемување на јавниот долг кој треба да го врати идната влада. Пропагандата сама по себе нема да биде доволна за да се сокријат економските неволји, а тоа предизвикува проблеми за Орбан.

За оние кои се на власт, влогот на следните избори е неверојатно голем. Доколку победи Тиса, корисниците на таканаречената полуавторитарна клептократија во Унгарија не само што ќе ги загубат своите канцеларии и бизниси, туку може да се соочат и со кривични пријави. Орбан презеде многу од поранешните независни институции на државата, но не е јасно до каде ќе одат тие за да го одржат сегашниот политички режим. Уставот од 2011 година ги зацврстува клучните политички именувања, како што се главниот обвинител и членовите на уставниот суд, врзувајќи ги рацете на идните влади. Владејачката партија веќе има обезбедено милијарди евра во таканаречените трустови од јавен интерес контролирани од доверители лојални на Орбан. Премиерот, исто така, ги постави своите луѓе на врвот на клучните институции за невообичаено долги мандати. Полскиот пример покажува дека е речиси невозможно да се отстранат пречките за вистинско владеење на правото додека се обврзани со реформите наметнати од претходната администрација.

Едно можно сценарио е Маѓар и Тиса да победат на изборите во 2026 година, но на крајот да бидат осакатени од јавниот долг и контролите и рамнотежата на „независните“ институции управувани од сојузниците на Орбан. Маѓар рече дека најважната мерка ќе биде да се врати финансирањето од ЕУ кое е замрзнато во мандатот на Орбан и да се воведат цврсти антикорупциски правила. Тој, исто така, вети ограничување на мандатот за премиерот и враќање на независните министерства за рурален развој, образование и здравство. Неговиот пакет досега се покажа популарен кај гласачите, но претстојат уште една и пол година во опозиција.

(Викторија Сердулт е новинар и уредник во унгарскиот весник ХВГ. Текстот е објавен во „Гардијан“.)