Зошто се затвораат фабрики во Србија?

По „Геокс“, „Бенетон“, „Џинси“ се затвораат многу други фабрики на странски инвеститори. Последната е на „Леони“, која вработува 1.900 работници


 

Србија истовремено го слави доаѓањето на нови инвеститори и бележи масовни отпуштања. Само компанијата „Леони“ го затвора својот погон и остава околу 1.900 луѓе без работа, додека другите фабрики низ целата земја делат слична судбина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на отворањето на фабриката на германската групација ПВО во близина на Чачак пред неколку дена. Како што вети, компанијата наскоро ќе вработи 500 работници, а во втората фаза вкупно до 800.

Затворањето на фабриката на „Леони“ не е изолиран случај, во последните неколку години бројни погони се затворија, а илјадници работници ги загубија своите работни места.

Германската компанија „Дрекслмајер“ во Зрењанин, која произведува кабли за автомобилската индустрија, најави затворање на фабриката до крајот на 2025 година, што ќе остави околу 2.000 работници без работа.

Компанијата „Бенетон“ во Ниш, италијански производител на облека, ја затвори својата фабрика во април оваа година, што доведе до губење на работни места за околу 950 работници. Турската текстилна компанија „Џинси“ исто така ја затвори својата фабрика во Лесковац, оставајќи околу 700 работници без работа.

Дополнително, кинеската компанија „Џонсон електрик“ од Ниш, која произведува електрични компоненти за автомобилската индустрија, отпушти околу 350 работници, потоа фабриката за чевли „Фалк ист“ од Књажевац отпушти околу 500 работници, а од 1 април 2025 година, дополнителни 100 работници останаа без работа. „Аптив“ од Лесковац, компанија која произведува електрични инсталации за автомобилската индустрија, им понуди на вработените кои долго време биле на платен одмор да го прекинат работниот однос со отпремнина.

Вкупниот број на отпуштени работници се мери во илјадници, а „Леони“ е само уште една фабрика во оваа црна серија.

Освен во Малошиште, „Леони“ има фабрики и во Ниш, Прокупле и Краљево. Според најавите, другите фабрики во Србија продолжуваат да работат, но и тие се соочуваат со зголемување на трошоците.

„На други локации во Србија, компанијата се соочува и со зголемување на трошоците. Сепак, ‘Леони’ останува во Србија и овие три фабрики продолжуваат да работат на своите проекти со јасна цел за подобрување на работењето. Во моментов, околу 10.000 луѓе се вработени во сите четири фабрики, а по затворањето на фабриката во Малошиште, ‘Леони Србија’ ќе има околу 8.000 вработени“, објасни компанијата во својот одговор за „Данас“.

Кога станува збор за работници кои ќе ги изгубат своите работни места, компанијата подготви неколку видови поддршка.

„Отпремнини кои се за 50 проценти повеќе од законскиот минимум – половина од износот ‘бруто 1’ од просечната месечна плата по година стаж кај работодавачот. Исто така, компанијата воспостави контакти со неколку работодавачи кои моментално имаат потреби за вработување, а во наредните денови вработените во фабриката во Малошишт еќе можат да добијат информации од Службата за човечки ресурси за условите што ги обезбедуваат овие работодавачи“, објаснуваат тие.

Како што велат, доколку во иднина има потреба од дополнителни вработувања во други филијали на компанијата „Леони Србија“, работата прво ќе им биде понудена на оние кои ги загубиле своите работни места во фабриката во Малошиште.

Зошто се затвораат фабриките? Економистот Саша Ѓоговиќ објаснува дека прва на ред била текстилната индустрија и дека таму има процес на дезинвестирање.

„Го имавме ‘Геокс’ таму, потоа си замина, потоа ‘Џинс’ си замина, потоа ‘Бенетон’ и така натаму. Тие најчесто си заминуваат поради зголемената цена на работната сила. Ова се трудоинтензивни индустрии кои бараат поголем број вработени луѓе и затоа бараат пазари каде што работната сила е поевтина за да ги преместат своите погони таму“, истакнува тој.

Кога се зборува за автомобилската индустрија и автокомпонентите, како што вели тој, постојат два аспекта.

„Првиот е пазарот, односно проблемот со падот на моќта на автомобилската индустрија, особено на европскиот пазар. Поради ова, приливот на нарачки од тој пазар е намален. Вториот аспект е дека трошоците за работна сила повторно се зголемиле. Кога ќе го комбинирате тој пазарен фактор и оној поврзан со нивото на деловните трошоци, и ако реорганизацијата не може да ги подобри деловните резултати, тогаш наместо да акумулира загуби, бизнисот се затвора“, наведува тој. (Данас)