Зошто се повлече Џеф Безос?


Бил Гејтс одлучи да го излечи светот. Неговиот деловен партнер Пол Ален купуваше спортски клубови. Тед Тарнер едреше, а Доналд Трамп стана политичар.
Основачот на Амазон, Џеф Безос, најбогатиот човек на светот, планира да ја спаси планетата.

Безос, 57, е последниот во низата корпоративни моќници кои се оддалечија од својот секојдневен бизнис за да се посветат на други активности.

Безос во вторникот објави дека ја напушта функцијата извршен директор на малопродажниот гигант „Амазон“, што го започна пред 27 години. Според списанието Форбс, Безос вреди 197 милијарди долари, пренесува регионалниот портал СЕЕбиз.

Тој има намера да остане извршен претседател на „Амазон“, но ќе им посвети повеќе време на „страстите“ како неговата сопствена вселенска компанија Blue Origin и фондацијата Bezos Earth, на која минатата година ѝ донираше 10 милијарди долари.

Оддалечувајќи се од секојдневните работни обврски, Безос реши да ги следи стапките на другите бизнисмени кои привремено, а некои трајно, се дистанцираа од водење бизниси што ги збогатија.

Гејтс (65) и Ален кој почина од рак на 65-годишна возраст во 2018 година, го основаа Мајкрософт во 1975 година и го претворија во водечка компанија во светот за компјутерски софтвер.

Гејтс се повлече од функцијата извршен директор во 2000 година и заедно со неговата сопруга ја основаа фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, која е посветена на глобалното здравство.

Гејтс, според „Форбс“ четвртиот најбогат човек во светот, се повлече од функцијата претседател на „Мајкрософт“ во 2014 година, а го напушти управниот одбор во март минатата година.

Ален, чие богатство според Форбс беше проценето на 20 милијарди долари, го напушти Мајкрософт во 1983 година кога првпат се соочи со рак, но остана во одборот до 2000 година.

По напуштањето на компанијата, Ален стана сопственик на спортски тимови; го купи кошаркарскиот клуб Портланд Треил Блејзерс и американскиот фудбалски тим Сиетл Сихокс.

Покрај тоа, тој беше активен филантроп, донирајќи милијарди долари за вредни цели, како што се медицински истражувања.

Поглед во вселената

82-годишниот Тарнер ја претвори рекламната компанија на неговиот татко во бизнис вреден повеќе милијарди долари, отворајќи ја Кабелската новинска мрежа (CNN) и исто така купувајќи клубови; бејзбол клубот Атланта Брејвс и кошаркарскиот клуб Атланта Хоукс.

Сепак, едрењето беше неговата најголема страст.

Како капетан на едрилицата „Courageous“, тој ја освои најпрестижната регата во светот – Купот на Америка во 1977 година.

Многу милијардери ја напуштија работата заради политиката, како Доналд Трамп и Мајкл Блумберг.

Трамп (74) победи на претседателските избори во 2016 година, додека Блумберг, основач на компанија за финансиски информации, беше избран за градоначалник на Њујорк трипати и минатата година безуспешно се кандидираше за номинација на демократите.

Безос, кој ја основа својата вселенска компанија Blue Origin во 2000 година, не е единствениот претприемач што ги проширил своите хоризонти надвор од орбитата на Земјата.

Ричард Бренсон, основач на групата Вирџин

70-годишниот Ричард Бренсон, основач на групата Вирџин, исто така е сопственик на компанија за вселенски летови Вирџин Галактик и сака да го направи вселенскиот туризам достапен.

Сепак, кога станува збор за вселената, Безос и Бренсон гледаат во грбот на вториот најбогат човек на светот, Елон Маск, јужноафриканско-американски милијардер.

Маск најпрво заработи богатство продавајќи го Пеј Пал на eBay во 2002 година, по што ја основаше компанијата за електрични автомобили Тесла и соларната централа СоларЦити.

Во 2002 година, тој го лансираше SpaceX, кој стана водечка светска приватна ракетна компанија. Испраќа комерцијални сателити во вселената и доставува товар до Меѓународната вселенска станица. Минатата година, исто така, стана првата приватна компанија што лансираше луѓе во вселената.