Зошто предметот за Јанушев заглави во ДКСК, прашува Левица

И по една година од најавата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека е отворен предмет за актуелниот генерален секретар на Владата, Игор Јанушев – сè уште нема никаков исход и информација за случајот.
Веќе познато за јавноста е дека Јанушев поседува фирма во Ќустендил, Бугарија, со назив „Флугбан транс”. Иако основана уште во 2015 година и до ден денес незатворена – оваа компанија никогаш не била пријавена во неговиот анкетен лист, и покрај тоа што освен амнестиран директор на ЈСП, тој беше и пратеник, а сега и генерален секретар на Владата. Компанијата имала годишен обрт од околу 300.000 евра, што го прави прикривањето на овој имотен елемент сериозен прекршок, но и кривично дело“, вели во своето соопштение Левица.
Самиот Јанушев призна дека има фирма во Бугарија која „заборавил да ја пријави“ и до ден денес таа не е пријавена во неговиот анкетен лист. Може да се заклучи дека станува збор за намерно и континуирано прикривање на имотот, што според член 359-а од Кривичниот законик претставува кривично дело. Оттука, Левица го повикува Обвинителство, да постапи по допрен глас и да отвори постапка против еднаш амнестираниот функционер Игор Јанушев.
ДКСК уште пред една година соопшти дека во предметот е вклучена и Управата за финансиско разузнавање, па легитимно е да се очекува одговор на единственото отворено прашање за случајот: Дали преку оваа тајна фирма во Бугарија се переле пари од матните „должничко-доверителски“ односи на одредени лица со Јанушев?
Факт е дека актуелниот состав на ДКСК не само што не се справува со корупцијата, туку дејствува како легализатор на скандалите на владејачките, но и поголеми опозициони партии. Наместо да ги заштити граѓаните, Комисијата ги прави „слепи при очи”, аминувајќи ги аферите на функционерите.
Факт е и дека самиот состав на оваа Комисија е длабоко компромитиран и вмешан во кпруптивната матрица. Потсетуваме дека во 2023 година, едногласно ДПМНЕ и СДСМ, за нов член на ДКСК ја избраа сопругата на адвокатот на Зоран Заев. Друг член, универзитетска професорка од факултетот каде што директорот на АНБ, Бојан Христовски, се здобил со спорна диплома – одлучи дека „нема ништо спорно во дипломата”. А на чело на ДКСК формално сѐ уште е Татјана Димитровска која е веќе осомничена за коруптивни дејствија, нагласуваат од Левица.