Зошто полицијата не казнуваше за неносење маски на скијалиштето во Нижеполе?


Лекарите во битолскиот Центар за јавно здравје не очекуваат зголемување на бројките и нови кластери од скијалиштата бидејќи се работело за спорт и активност на отворено

Од битолската полиција велат дека тие само го регулирале сообраќајот, а немало поплаки и пријави за неносење маски

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Полицијата вчера го регулираше сообраќајот на Пелистер, кон ски-центрите „Нижеполе“ и „Копанки“, но за неносење на маски не казнуваше.

Бурни реакции предизвикаа во јавноста некои фотографии од скицентарот „Нижеполе“ во Битола, каде голем дел од посетителите не носеа маски, а имаше гужва. Полицијата беше присутна, но само да ги контролира гужвите настанати во сообраќајот поради тесниот пат и немањето доволен простор за паркирање.

„Полицијата вчера беше на лице место да го регулира сообраќајот кон ски-терените, вчера не интервенираше за неносење на маски, зашто реално немаше пријави или поплаки“, велат од прес-службата на СВР Битола за „Независен“.

Од ски центарот „Нижеполе“ објавија фотографии на кои јасно се гледа дека се поставени редарски служби пред билетарница, ски-лифтот и бачилото со цел  спречување на  групирање на скијачи и непочитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Од ски-центарот тврдат дека ги почитуваат  сите протоколи за заштита од Ковид-19. Тие апелираат и ги молат посетителите да ги почитуваат мерките пропишани од здравствените власти. 

„Нема простор за споредба меѓу карневалот во Вевчани и скијањето во ски-центарот ‘Нижеполе’. Во нашиот ски-центар се испочитувани сите протоколи препишани од Владата за работа на скијалиштата, поставена е редарска служба пред билетарница, кај  ски-лифтот кака и пред бачилото, каде услугата е на шалтер. Имаме обележано на кое растојание треба да се чека ред. Но, ова е планина и сите посетители не можат да се контролираат, останува на нивната свест и совест. Најголем дел од посетителите носат маски, т.н бандани, шалови. На секаде се поставени дезинфекциски средства. И да не работи ски-лифтот луѓето на ваков ден ќе се качат на планина“, изјави Горан Марковски, одговорен за ски-центарот „Нижеполе“ со кој стопанисува ЈП „Стрежево“ Битола.

Викендов во „Нижеполе“ имаше околу 3.000 посетители дневно, а денеска над 1.000 гости се присутни во ски-центарот. Дел од посетителите носат маска, шал и не се групираат, но дел од нив заради тоа што се на отворено не се придржуваат на здравствените протоколи. Нема пропишани ограничувања на бројот на посетители.

„Носам маска и ја одбегнувам гужвата, но има посетители кои се без маска и се сончаат, важно онаму каде што има гужва пред билетарница и пред чајџилница  нема гужви и  нема близина. Се надевам дека сѐ ќе биде во ред, ќе нема нови кластери, и во летото на плажи одевме па не се комплицираа состојбите. Лошо е да си на затворено“, вели Вики Пашова, посетител од Битола.   

Според утврдените протоколи скијачките центри може да работат согласно соодветен протокол со пропишани превентивни мерки во услови на пандемија од Ковид-19, имајќи предвид дека скијачките центри не располагаат со затворени гондоли на жичарите.

Важно е да има обезбедување на редарска служба пред билетарите и ски лифтовите, задолжително обезбедување на физичко растојание од 1,5 – 2 метри и пред билетарите (како пред жичарите и ски-лифтовите), ограничување на работа на угостителските објекти на терените само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.

Од скијачкиот центар велат дека се почитуваат здравствените протоколи (Фото: А. Блажевска)

Во јануари во Битола дневно има повеќе оздравени од новозаболени.

До денеска бројот на заболени од Ковид-19 во Битола се искачи на 3.166, од кои активни случаи се 257. За една недела, од 11 јануари до денес се регистрирани 43 новозаболени, а 154 оздравени. За овој период е регистрирано само едно починато лице од Битола како последица од вирусот, со што бројката на починати се искачи на 147. 

Од Центарот за јавно здравје Битола  велат дека состојбата со Ковид-19 во Битола засега е смирена. Иако е рано за прогнози, не очекуваат зголемување на бројките и нови кластери од скијалиштата бидејќи се работи за спорт и активност на отворено.

„Засега нема зголемен број на заболени во Битола, бројките на новорегистрирани лица се релативно ниски. Само што започна скијачката сезона така да треба да почекаме извесен период  да видиме како тоа ќе се рефлектира врз состојбата со Ковид-19. Сепак станува збор за спортови на отворено, така што ако се почитуваат мерките не би требало да има нови кластери од таму“, ни изјави Елизабета Крстевска, директор на Центарот за јавно здравје.