Зошто мора да има толку многу невистини во партиски соопштенија, како во денешното на ВМРО-ДПМНЕ
Просто е неверојатно како партиите правопропорционално го зголемуваат бројот на дневните соопштенија како што се зголемува игнорирањето на медиумите нив да ги објавуваат поради нивниот претеран број. Ако партиите мислат дека поради сменетиот медиумски пејсаж во Македонија и доминацијата на порталите со по најмалку десетина соопштенија дневно ќе можат да се пробијат до читателите тие се во голема заблуда. Затоа што во тие соопштенија главно има навреди и лажни тврдења.
Еве еден пример со утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ со кое партијата треба да го отвори работниот ден.
„Последната статистика на надлежните институции вели дека новозаболени во 24 часа има 7, ама починати дури 18.
Со тоа бројката на починати од корона е 5.329 лица или се движи кон 5.500.
За високата бројката на починати во земјава говорат податоците на Ворлдометар (Worldometers), според чија листа Македонија е високото 4 место на светската листа по починати. Или повеќе од 10 илјади починати.
Во меѓувреме,Филипче стави акцент на земањето провизии, сега е во филмот на партиски функционер. Очигледно е дека граѓаните и нивното здравје нема да дојдат на ред. Затоа Филипче ќе одговара“, пишува во соопштението.
Партиската стратегија јавноста да биде бомбардирана со соопштенија за секаква и најмала активност е нивна стратегија (слично прави и СДСМ). Тие мислат дека тоа може да им донесе некакво мало зголемено влијание. Партиите се во заблуда, голема заблуда – влијанието се добива со содржината а не со празните зборови, како во ова на ВМРО-ДПМНЕ.
Точно е дека Македонија е на четвртото место во светот по бројот на починати (зад Унгарија, Босна и Херцеговина и Чешка), а на шесто ако се земат предвид и Сан Марино и Гибралтар, но зошто партијата потоа веднаш поминува од другата страна на вистината – кон лагата и пишува дека во Македонија има „повеќе од 10 илјади починати“. Па таа лага уште да се стави и во насловот на соопштението. Еве ја денешната табела на Ворлдметар. Таму не пишува дека во Македонија има 10.000 починати од короната.
Ем невкусно, ем бесмислено. (Н.В.)