Зошто Мицкоски во Тетово јавно не го поддржа Билал Касами?

Зошто Мицкоски во Гостивар објави јавно дека го поддржува кандидатот на ВЛЕН, а во Тетово ја премолче владината коалиција


Христијан Мицкоски и кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Гостивар, Сабаедин Даути (Фото: Принтскрин)

 

Држејќи се стриктно до говорите што му беа напишани, со рамен глас, како на предавања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа за време на двете предизборни обраќања во Гостивар и Тетово направи една дистинкција спрема кандидатите на ВЛЕН („Вреди“) во овие два града. Во нив (како и во Струга) ВМРО-ДПМНЕ не предложи свои кандидати за градоначалници, што е прв пат во плуралната историја на Македонија.

Мицкоски во Гостивар јавно го поддржа кандидатот на ВЛЕН, Сабаедин Даути (кој беше во салата), а зборуваше и за владината коалиција. Но во Тетово ниту ја спомена владината коалиција (само нејасно зборуваше одоколу за обединување), ниту го спомена актуелниот градоначалник Билал Касами од Беса, кој е и сега кандидат, ниту пак објави поддршка за него. Јасно е дека политичката атмосфера во двата града е различна, па Мицкоски изгледа реши да не ги разгорува страстите во Тетово.

Во говорот во Гостивар Мицкоски имаше елаборација пред јавно да застане зад Даути. Тој зборуваше за семејство, за владиното семејство, и како за него треба да се бориш. Што рече Мицкоски:

„Ние сме едно владино семејство, составено од три коалициски партнери. На овие избори во Гостивар, Тетово и Струга се подготвува стапица од страна на Али Ахмети и неговиот прокси измеќар Левица. Ако веруваат овие измеќари од Левица дека се толку силни и дека нивната програма е толку добра, зошто не извадија свој кандидат во родниот град на Апасиев, Велес, или во Штип.

Семејството е нешто најважно, за семејството се бориш, семејството го сакаш, семејството го штитиш. Ова наше владино семејство има кандидат за градоначалник во Гостивар и Сабаедин (Даути) ја има мојата поддршка“.

Заедно со Даути со салата беше и министерот за здравство Азар Алиу.

Во говорот во Тетово, кој беше покус, Мицкоски не споменуваше ни владино семејство, ни семејство, ни за тоа дека за него треба да се бориш и да го штитиш. Сето тоа беше исфрлено. Ни збор за коалициските партнери. А не пак да му се даде јавна поддршка на Билал Касами. Немаше ни гости од ВЛЕН во салата каде што се одржуваше митингот. Сета програма беше коалициски спуштена на патос. Единствено имаше неколку реченици за обединување, кои можат да се сведат на овие зборови на Мицкоски: „Мора да покажеме како изгледа обединувањето. Нема напредок ако секој се бори сам за себе“.

Сабаедин Даути, кој сега работи како нотар, е позната личност во Гостивар. Бил судија и претседател на Основниот суд во Гостивар. Имал функции во МВР и безбедносните структури. Билал Касами е познат на државно ниво, но неговото досие како градоначалник на Тетово е повеќе исполнето со коруптивни скандали, отколку со признати достигнувања. Ако се додадат и инцидентите со кокетирањето со платформата за „Голема Албанија“ на Мицкоски тоа му носи многу поголем проблем отколку што претпоставува. Плус на тоа треба да се додаде планот на Касами дека сакал да гради џамија на тетовскиот плоштад.

Затоа во Тетово одлучи да премолчи дека Касами ја има неговата поддршка, за да не отуѓи не само важен дел од македонските гласачи, туку и од самите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што велеше дека не сака да зборува за ДУИ и Али Ахмети, тој посвети значаен дел од говорот во Гостивар за интегративците, како тие зборувале „Христијан, па Христијан секој ден“. И дека „мислењето во меѓународната заедница за Али Ахмети и партијата што ја предводи е на дното“. Дека не сака да се „објаснува со Али кој е поголем патриот“. А, алудирајќи на Арбен Таравари споменуваше „пластелин политичари“. Генерално, атмосферата во двете сали беше камерна, со повремени аплаузи за говорите на Мицкоски полни со патриотски фрази. (Н.В.)