Зошто Леопард 2 е супериорен: Oтвора оган во движење дури и кога се движи наназад


Германија – Тенкот Леопард 2 се смета за еден од најдобрите и најмодерни борбени тенкови во светот, а она што го прави супериорен е неговата способност да отвора оган во движење, дури и кога се движи наназад. Главното оружје на Леопард 2 е топ со т.н мазна буре од 120 милиметри со максимален домет од 5.000 метри, тенкот достигнува брзина и до 70 километри на час, а се придвижува од релативно економичен дизел мотор.

Дојче веле наведува дека способноста да се отвори оган во движење е она што ги прави супериорни Леопард 2, како и другите модерни тенкови, како американскиот Абрамс или францускиот Леклер.

„Тие тенкови можат да отворат оган дури и додека се движат со полна брзина. Руските тенкови, да речеме Т90, не можат да го направат тоа. Дополнително, Леопардот е сигурен и лесен за одржување“, изјави директорот на германскиот музеј на тенкови, Ралф Реис.

На Украинците, кои до сега најмногу се потпираа на тенковите Т-72 од советската ера, им требаат тенкови Леопард 2 за да ги пробијат непријателските линии во статична рововска војна.

„Потребни ни се тенкови за да ја спасиме нашата енергетска инфраструктура, да ги спасиме Украинците од злосторствата. Колку подолго трае оваа одлука, толку повеќе луѓе ќе гинат поради недоволното количество оружје на украинската армија“, нагласи украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Освен Германија, Леопард 2 моментално го користат уште најмалку 14 земји во различни прилагодени варијанти, но не можат да ги предадат на Украина без дозвола на Германија, пренесува Танјуг. Германскиот министер за правда Марко Бушман наведува дека, како и со другите испораки на оружје, Германија нема автоматски да стане учесник во војната со испорака на борбени тенкови по секоја цена, според меѓународното право.

„Украина е во право, бидејќи води војна за самоодбрана. Според меѓународното право, на Германија и е дозволено да испорачува оружје на Украина. Тоа не не прави странка во војната, без разлика за какво оружје се работи“, рече Бушман.

Германскиот портал потсетува дека без разлика на испораките на оружје, западните сојузници на Украина постојано нагласуваат дека тие самите не се страни во војната, а конкретно членките на НАТО алијансата не се директно воено вклучени во конфликтот и сакаат таа состојба да ја задржат .