Зошто инфлацијата е толку висока и колку е опасна?
Највисока стапка на инфлација во сад од 1982 година. Сега таа изнесува 6,8 отсто
Потрошувачките цени во САД скокнаа за 6,8 отсто во ноември 2021 година во однос на претходната година – што е највисока стапка на пораст од 1982 година, според податоците на Бирото за статистика на трудот објавени на 10 декември 2021 година. Најголемите скокови во текот на месецот беа регистрирани кај енергијата, користените автомобили и облеката. The Conversation U.S. побара од економистот од Универзитетот во Јужна Каролина, Вилијам Хаук, да објасни што е причината за неодамнешното зголемување на инфлацијата и како тоа влијае на потрошувачите, компаниите и економијата.
Зошто инфлацијата е толку висока?
Постојат две основни причини зошто инфлацијата се зголемува: понудата и побарувачката.
Почнувајќи од второто, потрошувачите повеќе трошат откако го поминаа поголемиот дел од 2020 година дома гледајќи Нетфликс. Сега кога сѐ повеќе луѓе се вакцинирани, многумина се чувствуваат посигурно одејќи повторно во продавниците и бараат повеќе стоки и услуги.
Дополнително, поддршка на куповната моќ на домаќинствата беа и стимулациите и другата помош поврзана со пандемијата што им беше дадена на американските семејства за време на пандемијата. Ваквото зголемување на потрошувачката беше добро за стимулирање на економијата, но поголемата побарувачка обично резултира со повисоки цени.
Зголемената побарувачка можеби не е премногу лоша за инфлацијата сама по себе, но економијата на САД исто така доживува значителни проблеми со синџирот на снабдување поврзани со пандемијата на Ковид-19. Ова ги зголемува трошоците за производство и ја намалува понудата на стоки, а исто така ги зголемува цените.
Уште повеќе, и платите скокаат – за 4,8 отсто во ноември во однос на претходната година – бидејќи работодавците во многу индустрии нудат повеќе пари за задржување или вработување луѓе. Оваа вест е одлична за работниците, но компаниите често мора да ги пренесат овие повисоки трошоци на потрошувачите.
Дали инфлацијата е секогаш лоша?
Инфлацијата не е секогаш лоша вест. Ниска инфлација е всушност сосема здрава за една економија.
Ако цените паѓаат – нешто познато како дефлација – компаниите може да се двоумат да инвестираат во нови постројки и опрема, а невработеноста може да се зголеми. И инфлацијата може да им олесни на некои домаќинства со повисоки плати да ги отплатат долговите.
Сепак, инфлацијата која е на ниво од 5 отсто или повисока е феномен што САД не го виделе од раните 1980-ти. Економистите како мене веруваат дека повисоката од нормалната инфлација е лоша за економијата поради многу причини.
За потрошувачите, повисоките цени на основните добра како храна и бензин може да станат недостапни за луѓето чии плати не се зголемуваат толку многу. Но, дури и кога нивните плати растат, повисоката инфлација им отежнува на потрошувачите да кажат дали одредено добро станува поскапо во однос на другите стоки или само во согласност со просечниот пораст на цената. Ова може да им отежне на луѓето соодветно да буџетираат.
Она што важи за домаќинствата важи и за компаниите. Бизнисите гледаат дека цените на клучните инпути, како нафта или микрочипови, растат. Тие можеби ќе сакаат да ги пренесат овие трошоци на потрошувачите, но би можеле да бидат ограничени во нивната способност да го сторат тоа. Како резултат на тоа, тие можеби ќе треба да го намалат производството, зголемувајќи ги проблемите во синџирот на снабдување.
Кои се најголемите ризици?
Ако инфлацијата остане зголемена премногу долго, тоа може да доведе до нешто што економистите го нарекуваат хиперинфлација. Ова е моментот кога очекувањата дека цените ќе продолжат да растат поттикнуваат поголема инфлација, што ја намалува реалната вредност на секој долар во вашиот џеб.
Во најекстремните случаи – помислете на Зимбабве кон крајот на 2000-тите – спиралата на цени може да доведат до колапс на вредноста на валутата. Луѓето ќе сакаат да ги потрошат сите пари што ги имаат веднаш штом ќе ги добијат од страв дека цените ќе се зголемат дури и за кратки временски периоди.
Соединетите Држави не се ни блиску до оваа ситуација, но централните банки како Федералните резерви сакаат да ја избегнат по секоја цена, па тие обично се обидуваат да ја намалат инфлацијата пред таа да излезе од контрола.
Проблемот е што главниот начин на кој тоа го прави е со зголемување на каматните стапки, што ја забавува економијата. Ако ФЕД биде принуден да ги зголеми каматните стапки премногу брзо, тоа дури може да предизвика рецесија и да резултира со поголема невработеност – како што доживеаја САД во раните 1980-ти, последниот пат кога инфлацијата беше толку висока. Тогашниот претседател на ФЕД, Пол Волкер, успеа да ја заузда инфлацијата од дури 14 отсто во 1980 година – по цена на двоцифрена стапка на невработеност.
Американците сè уште не ја гледаат инфлацијата ни приближно толку висока, но спречувањето на САД да стигнат таму речиси сигурно е на ум на Џером Пауел, кој моментално ја води ФЕД.