Зошто бројот на хоспитализирани и починати е уште голем кога се намалува бројката на активно заболени


На 1 септември имаше 2.326 активно болни, а на 8 септември таа бројка изнесува 1.895. Па, сепак, бројката на хоспитализирани и тој ден и денеска е иста - 310, а од 1 септември до денес починале дури 28 лица (Фото: Б. Грданоски)

 

Јасно е дека бројката на нови инфекции не се намалува онака како што би сакале граѓаните, а и здравствените власти, но од 1 септември има еден по малку чуден развој на епидемијата. Сериозно се намалува бројот на активно заболените, но никако не паѓаат хоспитализациите, ниту пак бројот на починати.

Според податоците на Министерството за здравство на 1 септември имало 2.326 активно заболени и 310 хоспитализирани. Денес, на 8 септември, бројот на активно заболените е драматично помал – само 1.895 (што значи 431 помалку), но бројката на хоспитализираните пациенти е иста: и на 1 септември и на 8 септември таа изнесува 310. Иако во меѓувреме, како на 3 септември, за прв пат по подолго време падна под 300, на 293, за потоа повторно да почне да се искачува.

Загрижувачки е што бројот на починати е прилично голем за овој период – 28. Само во последниве три дена имаше 17 починати, а од нив денеска дури 8. Единствено на 3 септември немаше ниту еден починат.

Зошто е тоа така од епидемиолозите и инфектолозите нема некое посебно објаснување, иако бројката на пациенти на респиратори беше генерално ниска, освен вчера и денеска (во ГОБ „8 Септември“ во двата дена на механичка вентилација се седум пациенти).

Дека кај некои симптимите се полесни покажува и постојаниот број на многу оздравени (генерално, повеќе од инфицирани). Но денешниот податок од Инфективната клиника – дека од 81 хоспитализиран пациент дури 59 се на кислородна поддршка кажува дека тие се примаат во болницата во комплицирана здравствена состојба, а некои и брзо умираат по приемот во болницата.

Бројот на хоспитализациите е секаде голем последниве осум дена – и во Битола (околу 14), и во Штип (таму се движи околу 50 пациенти секој ден, иако во некои денови таа е за неколку лица пониска), како и во другите болници во државата (околу 120).

Веројатно најдобрата статистика во овие осум дена е од Скопје. Денес во главниот град има 575 активно заболени (Аеродром го презеде приматот уште пред неколку дена од Чаир), а од почетокот на епидемија се регистрирани 6.156 инфекции. Но важно е да се забележи дека на 2 септември во Скопје имаше 757 активно болни (што значи дека за седум дена таа бројка се намалила за 182 лица. Иако и натаму бројот на нови инфекции секој ден е најголем во Скопје, процентуално според бројот на жителите таа бројка е многу помала во однос на заболувањата, на пример, во Делчево, Берово, Гостивар или Прилеп.

Епидемиолозите имаат едно најчесто повторувано објаснување – луѓето не се придржуваат кон мерките, премалку носат маски и доцна се јавуваат за преглед откако ќе ги добијат симптомите. (Н.В.)